(ВИДЕО) Евакуирани 300 патници во САД: Се запали авион на Делта
Патниците на летот Delta 1213 беа евакуирани поради пожар кој избувна на моторот на авионот додека тој стоел на пистата на Меѓународниот аеродром Орландо во Флорида, јавува BBC.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа чад и пламен како излегуваат од десниот мотор, додека патниците ја напуштаат леталото преку надувани евакуациски тобогани.
Авионот, модел Airbus A330, имал 282 патници, 10 членови на кабинскиот екипаж и двајца пилоти. Летот требал да полета од Орландо, познат по забавниот парк Дизни Ворлд, кон Атланта. Од аеродромот соопштија дека нема повредени и дека противпожарните екипи брзо интервенирале.
Авиокомпанијата Delta во изјава за CBS News потврди дека пожарот бил забележан на еден од двата главни мотори, по што екипажот ја евакуирал кабината.
„Им благодариме на патниците за соработката и се извинуваме за ова искуство. Безбедноста е секогаш наш приоритет и нашите тимови работат на тоа патниците што побргу да стигнат до своите дестинации“, се наведува во соопштението на компанијата.
Федералната управа за воздухопловство (FAA) најави истрага за инцидентот.
Ова е само еден во низата сериозни авионски инциденти што се случија годинава во Северна Америка. На 29 јануари, 67 лица загинаа кога патнички авион се судри со воен хеликоптер во близина на аеродромот Роналд Реган во Вашингтон. На 17 февруари, авион на Delta излета од пистата при слетување во Торонто и се преврте, но сите 80 патници преживеаја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа