Венко Филипче: Мицкоски и Муцински да кажат кои држави од ЕУ поддржуваат одложено дејство за уставни измени и СДСМ ќе ги гласа во Собрание

Власта води една тотална дезориентирана политика на внатрешен план. Наместо проекти реди скандали, наместо решенија за проблемите на граѓаните – изговори, наместо план и визија - политикантство и пропаганда, вака лидерот на СДСМ, Венко Филипче го оценува досегашното владеење на ВМРО ДПМНЕ и нејзината Коалиција, од формирањето на владата. Во интервју за Прес24, Филипче смета дека на јавноста секојдневно и станува се појасно дека предизборната реторика на сегашната власт е само една голема манипулација.

-Се појасно станува дека во ВМРО-ДПМНЕ единствената промена е што сега не е претседател Груевски туку Мицкоски. Сè останато е пресликано како под индиго. Добивме една бледа копија на ВМРО-ДПМНЕ од пред десет години, со далеку понеспособни кадри, вели Венко Филипче, лидер на СДСМ во интервју за Прес24.

Во тој контекст тој ги оценува и најавите за некаква дестабилизација на државата од септември, а во суштина вели сето тоа е смислено сценарио за линч на неистомисленици.

-Како тоа Мицкоски знае што ќе се случува од септември? Ако секој ден посочува со прст кон обвинителите, за кои како што самиот вели, се инсталации на СДСМ и на ДУИ? Ако при тоа ниту еден актуелен министер не поднел пријава до обвинителството, за наводното "душманско трошење на буџетот'". Очигледно Мицкоси не најавува правни постапки туку линч, реваншизам, и пак ќе кажам, целосна партиска инструментализација на МВР за режирани, монтирани кривични пријави и класичен политички прогон, оценува Филиче.

Според него власта доживува дебакал во делот на надворешната политика, бидејќи ниту има, а ниту имала каков било план за дејствување. Најдобар пример за тоа вели се изјавите за Коридорот 8 и пругата кон Бугарија.

-На крајот на 16 септември во Брисел, Мицкоски ќе го потпише Планот за раст, кој патем е 99% истиот кој го подготви Владата на СДСМ. Ќе си го продолжи и Коридорот 8 и ќе потпише дека нема да се распуштаат советите на обивнители и судии. И сега некој се прашува, зошто? Зошто два месеци се изнаслушавме хаотични пораки и чукање во гради на Мицкоски дека ќе се пренаменат средствата и ќе се распуштат Советите? Одговорот е лесен и тие добро знаеја дека тоа не е можно. Силењето во јавноста е потребно за секојдневно да се одржува наводната бунтовност на оваа Влада, наводната одлучност и сила. Но тоа брзо ќе издише, вели во интервјуто за Прес 24 Филепче.

Истата политика според него е и во поглед на евроинтергациите и прашањето со Бугарија. Филипче го предизвикува Мицкоски и Муцунски да го постават прашањето за одложено дејство на уставните измени и да достават поддршка од членки на ЕУ во Собранието, по што СДСМ тој предлог ќе го поддржи.

-ВМРО-ДПМНЕ, реално, никогаш немале ниту план ниту концепт како да се добијат подобри услови во преговорите. Спред мене ниту сакаат тоа да го постигнат. Проблемот е што пред изборите, сакајќи да им се додворат и на оние граѓани кои сметаат дека треба да продолжат евроинтеграциите, лажеа дека знаат како со мудра дипломатија да дојдат до подобри позиции. Една голема лага, секако, како и на многу други теми. Ние веднаш ќе прифатиме одложено дејство на уставните измени, штом министерот за надворешни Муцунски каже кои тоа земји имаат разбирање за оваа позиција. Еве јавно го повикувам, на затворена собраниска седница да го соопшти тоа, да каже кои се тие земји, колку се, дали би поддржале промена на преговарачката рамка и ние ќе го поддржиме. Но таква седница нема да има, зошто тоа не може да се случи и тоа и Муцунски и Мицкоски го знаат, вели Филиче за Прес 24.

За милијардата од Будимпешта вели дека е економско и политичко ропство и финансиска глупост, нешто што СДСМ не само што нема да го поддржи, туку со сите расположиви демократски средства во Собранието ќе се обиде и да го спречи.

-Средба со Мицкоски ќе има кога за тоа ќе има потреба. Јас не сум должен да одам кај самопрогласени авторитети на запознавање, впрочем со Мицкоски и Сиљановска и добро се познаваме, вели во интервјуто за Прес 24, Венко Филипче, претседател на СДСМ.

ПРЕС24: Иако обично политички коректно се 100 дена од нова власт, за да се коментираат нивните потези, сепак македонската политичка сцена функционира поинаку, а и власта овие речиси два месеца ги искористи за жестоки критики за поранешната власт, легитимно е да се анализра нејзиното досегашно работење. Каква оценка и давате на владата на Христијан Мицкоски до сега?

ФИЛИПЧЕ: На Владата и поминаа два месеца од мандатот исклучиво во критика на претходната власт и жалење како наследиле лоша состојба што е целосно неточно. Не гледаме почеток  ниту план за реализацијата на нивната изборна програма. Власта води една тотална дезориентирана политика на внатрешен план. Наместо проекти реди скандали, наместо решенија за проблемите на граѓаните – изговори, наместо план и визија - политикантство и пропаганда. 

Целта на ваквото дејствување е да се покрие неспособностa и катастрофланите кадровски решенија бидејќи се поочигледна е нефункционалноста на Владата. Гледаме обиди за блокирање на клучни инфраструктурни европски проекти, како на пример коридорите и целосно отсуство на идеја и желба за продолжување на евроинтеграциите. Понатаму, се случува промена на економскиот модел и вовед во еден вид на феудализација на државата. Работниците се веќе неважни и омаловажени, наспроти крупниот капитал кој ја диктира работата на владата. Ова е модел кој со сигурност ќе донесе сиромаштија и влошување на стандардот на граѓаните. Овие економски политики ги донесоа најголемите социјални разлики во историјата на државата и најниската куповна моќ за граѓаните. Со овие политики беа потребни четири плати да се обезбеди една минимална потрошувачка кошница, сега истото ќе се случува.

Гледаме, исто така, целосно напуштање на транспарентноста и алатките кои ги создаде СДСМ за да можат медиумите и граѓаните да го следат трошењето на државните парите. Авторитарна тенденција која е многу опасна. Со сите грешки на СДСМ, транспарентноста никогаш не беше донесена во прашање затоа што само така може граѓаните реално да знаат што се случува во институциите. 

Понатаму, единствена реална промена се четири нови министерства, кои ги изгласаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но тие не функционираат, а вработените не знаат каде реално припаѓаат и не земаат плата. 

Да не ги спомнувам скандалите на Блаце, каде контролата на границата е целосно предадена на коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, кои пак партиски ја користат за пропуштање на возила без контрола. Скандалот кој го откри СДСМ покажува дека бегството на Блерим Рамадани не е всушност бегство туку организирано пуштање на слобода од страна на структури во МВР. Веќе и немам сила да набројувам.

ВМРО-ДПМНЕ, во обид да ја прикрие катастрофалната неспособност, започнаа со она што само го знаат, а тоа е силна пропаганда за дестабилизација, за наводни обиди за корупција на премиерот и така натаму. Ова е една опасна тенденција кон апсолутизам, видена во едно друго време на ВМРО-ДПМНЕ. 

Се појасно станува дека во ВМРО-ДПМНЕ единствената промена е што сега не е претседател Груевски туку Мицкоски. Сè останато е пресликано како под индиго. Добивме една бледа копија на ВМРО-ДПМНЕ од пред десет години, со далеку понеспособни кадри. 

Според ова, многу лесно може да се претпостави како ќе живеат и што може да очекуваат граѓаните. Ова е власт која ќе креира политики и проекти само за себе и подобните граѓани за ВМРО-ДПМНЕ, а сите останати ќе бидат неважни. Власт која ќе ги држи граѓаните во постојан грч и страв, со дневна пропаганда на поделби, непријатели и дестабилзиации. Веќе видено сценарио. Ова ќе биде власт која нема да го подобрува стандардот на граѓаните туку на поединци и групи. Тие поединци и групи ќе имаат за задача да обезбедуваат гласови на избори и тоа е сè што го интересира ВМРО-ДПМНЕ. 

Навистина жалам што нема никаква промена во ВМРО-ДПМНЕ, жалам што не гледаме едно ново модерно владеење, со научени грешки од минатото.

ПРЕС24: Власта заговара теорија за можна политичка дестабилизација, а ДУИ е посочен како кретаор на таков план оваа есен. Какви се Вашите информации, дали ова повеќе е полтички блеф на власта, или пак вовед во можна политичка криза?

ФИЛИПЧЕ: Не треба јас да оценувам дали е тоа блеф, затоа што одговорот го даде претседателката Сиљановска Давкова. Директна потврда дека тоа е блеф на ВМРО-ДПМНЕ дојде токму од неа, и тоа во два наврати. Прво, кога од нејзиниот Кабинет коментираа дека нема такви сознанија и дека нема да го свика Советот за безбедност, а потоа и преку нејзината изјава во која оцени дека не гледа дека тие закани се реалност во моментот. 

Кога сериозна власт има сознанија за дестабилизација, таа власт дејствува жестоко и со сите средства кои ги има на располагање во безбедносните институции. Не сее магла, не подгрева тензии, па ако сакате и намерно поттикнува несигурност меѓу граѓаните. Ваквото плашење на граѓаните, но и на компаниите и бизнисите е само по себе политичка дестабилизација. Замислете дека сакате од септември да инвестирате во нов бизнис, но премиерот го слушате на телевизија како вика ќе има дестабилизација. Тоа што го прави Мицкоски е всушност дестабилизација со цел покривање на скандалите. 

Јас јасно го кажав мојот став. СДСМ ниту е, ниту некогаш била, ниту во иднина ќе биде дел од било какви планови за дестабилизација. Тоа, за жал, е дел од политичкото досие на една друга партија, на чие чело сега е токму Мицкоски. Можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се единствените на кои им одговараат сценарија на дестабилизација и сметам дека овие препукувања се договор меѓу овие две партии. 

Јас нема да дозволам никој да ја вмешува СДСМ во било какви контексти со опозициското дејствување на ДУИ, без оглед од кои мотиви го прави тоа. 

Мицкоски може секој ден да повторува една иста лага, ако така му е полесно да заборави дека од 20 години ДУИ во власта, единаесет беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Сите сценарија на внатрешни тензии на етнички план биле секогаш производ на политиките на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, од тепачките во автобусите до тензии на трибините. Така што, ВМРО-ДПМНЕ е последна  којашто може да обвинува било кој за дестабилизација, затоа што тие се креаторите на дестабилизирачки политики, секогаш во историјата. 

Мојата цел е да работам на обнова на СДСМ, а тој СДСМ ќе биде секогаш на браникот на интересите на државата. 

ПРЕС24: На владеајачката коалиција некако не и тргна најдобро сојузот на двата клучни партнера – ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН. За серијата скандали на Спикерот Гаши засега нема политичка одговорност. Мицкоски зборува за еднаквост пред законите за сите, но во конкретниот случај евидентно е немање политичка воља за расчистување на овие состојби. На што се должи ова?

ФИЛИПЧЕ: Самите го дадовте одговорот, дека нема политичка волја. А што значи тоа? Уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со лажни ветувања. Ниту им е до одговорност, ниту до отчетност, ниту до транспарентност. Јасно е дека слоганот „Македонија повторно твоја“ значел „Македонија повторно само наша“, односно на една мала група во власта која ќе одлучува што следува за обичниот народ. 

Тие скандали, тоа отсуство на политичка волја за одговорност, само ја потврдува големата хипокризија на ВМРО-ДПМНЕ. За нив важи она орвеловското: „сите се еднакви, но некои се поееднакви од другите“. 

Неказнивоста од пред 2016 година се врати на голема врата, надградена и проширена. По овој почеток, јас сум убеден дека ова однесување само ќе се повторува и ништо нема да се менува. Верувам дека граѓаните веќе го препознаваат истото старо ВМРО-ДПМНЕ заради кое стотици илјади излегуваа на улиците. Ако продолжат вака, брзо ќе се соочат со гневот, не само на излажените гласачи, туку на целиот народ. 

ПРЕС24: Како го оценувате справувањето со пожарите на актуелната власт. Истиот прв човек на ЦУК беше и во Ваше време. Дали Стојанче Ангелов е подобар со СДСМ или со ВМРО ДПМНЕ како централна власт во справување со кризи? 

ФИЛИПЧЕ: Во однос на тоа како работел или работи, треба да се гледаат резултатите, мислењата тука се ирелевантни. За справувањето со пожарите, бројките кажуваат сè. До средината на овој месец зафатени беа 6,7 проценти од вкупната територија на државата, или седум пати повеќе од минатата година. Тоа е најдобар показател за способноста или неспособноста на власта во справувањето со пожарите. Секако, ако се исклучи смешниот аргумент на Мицкоски со наводно реторичките прашања во стилот, а дали тоа случајно годинава имало повеќе пожари од минатата година.  

Јас добро знам што е потребно за да се менаџира една криза. Потребно е пред се искрено информирање за состојбите, навременост и целосна посветеност на сите чинители во решавањето на проблемот. 

Од Мицкоски и Владата го добивме спротивното. Добивме релативизација на проблемот со пожарите за кои велеше дека за два-три дена ќе бидат ставени под контрола. Овој пристап и обид да се намали значењето и важноста на кризата, придонесе истата да ескалира. Едноставно, кога имате пожар на 50 км од каде давате изјава за нов камен-темелник, патем на проект реализиран од претходна Влада, тоа јасно укажува дека вие немате капацитет за лидерство и одговорност. И тоа е сè што треба да се знае за менаџментот на кризата со пожарите, инфантилност и несериозност. 

ПРЕС24: Секојдневни се повиците на власта кон Обвинителството за состојби затекната по преземањето на институциите. Речиси и да нема министерство во кое новите министри, како што дефинираат „душмански“ се однесувала претходната власт, алудирајќи на крининал. Вие како партија на тоа само одговарате „нека ги достават доказите“?

ФИЛИПЧЕ: Нашиот одговор е единствено логичен, бидејќи тоа е редот во една правна држава. Сите докази и сознанија да се достават до обвинителството. Низ соодветна постапка да се потврдат или отфрлат и секој што се огрешил од законите, да одговара. 

Но, се случува она што и вие констатирате, наместо пријави до обвинителството имаме една силна кампања на оцрнување на претходната власт, што само ја наметнува дилемата кои се вистинските намери на оваа власт? Битка со криминалот или местенки и реваншизам во стилот на МВРО - ВМРО?

И тоа трае уште од изборната кампања, кога од говорници на митинзи, сега актуелни функционери во оваа Влада, во улога и на истражители и на обвинители поименично прозиваа функционери од тогашната власт и ги "носеа" во Идризово. 

Тоа само говори како ВМРО- ДПМНЕ мисли да владее. И тоа не го велам случајно. 

Треба само малку внимателно да се преслуша една од последните изјави на Мицкоски за да се откријат неговите вистински намери. А тоа е, како вели Мицкоски, дека СДСМ била исплашена од министерот Тошкоски затоа што знаела што ќе се случи од септември. 

Прво, СДСМ од Тошковски не се плаши, од него не се плашат како што може да видиме ниту криминалците на улиците, или да го цитирам заменикот на претседателот на Владата, Муртезани, од коалициската ВРЕДИ: „Занимавај се со убиствата во Скопје, а не со Гаши“. 

Но, во политички контекст, има ли поголем доказ од несвесно признаена инструментализација на МВР? Повторно ли Мицкоски како и Груевски планира да го користи МВР за заплашувања и местени апсења? За човекот кој велеше дека нема да се реваншира, дека ќе работи по закон и секој кој се огрешил ќе одговара, со што целосно се сложувам, сега почна отворено да се заканува со полицијата кога почна да му гори под нозете.  

Делувањето на Владата сè повеќе наликува на веќе видена матрица на партиска инструментализација на институциите, од која Мицкоски толку многу сака да се огради. Но, очигледно е дека му е при срце, оти бил дел од неа и затоа што ВМРО-ДПМНЕ поинаку, реално, и не знае да работи.  

И уште една работа, како тоа Мицкоски знае што ќе се случува од септември? Ако секој ден посочува со прст кон обвинителите, за кои како што самиот вели, се инсталации на СДСМ и на ДУИ? Ако при тоа ниту еден актуелен министер не поднел пријава до обвинителството, за наводното "душманско трошење на буџетот'".

Очигледно Мицкоси не најавува правни постапки туку линч, реваншизам, и пак ќе кажам, целосна партиска инструментализација на МВР за режирани, монтирани кривични пријави и класичен политички прогон. 

СДСМ не се плаши од овие најави, напротив се мобилизираме да го кренеме гласот ако ВМРО-ДПМНЕ реши да ја врати праксата на режимот. Граѓаните ова однесување брзо ќе го препознаат, и веќе го препознаваат, и верувам дека ќе застанат на страна на правдата и правичноста. Режим никој повторно не сака, а ВМРО-ДПМНЕ натаму ја води работата и тоа по само два месеци власт. 

ПРЕС24: Изминативе недели актуелно е едно прашање поврзано со капиталните инвестиции, тоа е пругата кон Бугарија. Власта тврди дека тоа е прескап проект без иднина, односно како што велат пруга која ке заврши во полутунел. Кој е Вашиот став, дали треба прекин на желизничкиот коридор 8 и што понатаму?

ФИЛИПЧЕ: Тоа е еден од примерите за целосна дезориентираност на новата Влада. Овој случај исфрли на површина многу елементи кои потврдуваат дека освен проблемите во коалицијата, не можат да се усогласат ниту внатре во партијата. 

Имено, прво премиерот излезе со став дека ќе бара пренамена на средствата од ЕБОР и ЕИБ за т.н. брза пруга на Коридорот 10 односно пругата од Табановце до Гевгелија. За потоа, министерката за финансии јавно да потврди дека пренамена на средствата не може се случи. 

Притоа и двајцата сокрија дека ако се прекине пругата кон Бугарија, ќе пропаднат и над 200 милиони евра грант, значи неповратни средства од ЕУ. 

За да биде конфузијата уште поголема, единственото нешто со што се пофалија од Самитот на НАТО во Вашингтон, беше писмото за намери потпишано од министерот Мисајловски со неговите колеги од Италија, Албанија и Бугарија, за Коридорот 8 како стратешки НАТО коридор. Не јас, не некој министер на СДСМ, актуелниот министер за одбрана се пофали дека тоа е првиот меѓународен документ потпишан од оваа Влада. И ова не е сè. 

На крајот, стигна дообјаснување од министерката за финансии дека таа разговарала со ЕБОР и "гордо" им рекла дека тие се за НАТО, ама давале предност на Коридорот 10, пред Коридорот 8.

Ова се финишира во еден смешен обид за спин на премиерот кој вели дека некој му барал мито, но обвинителството и ДКСК немаат пријава од него, иако рече дека пријавил. 

На крајот на 16 септември во Брисел, Мицкоски ќе го потпише Планот за раст, кој патем е 99% истиот кој го подготви Владата на СДСМ. Ќе си го продолжи и Коридорот 8 и ќе потпише дека нема да се распуштаат советите на обивнители и судии. И сега некој се прашува, зошто? Зошто два месеци се изнаслушавме хаотични пораки и чукање во гради на Мицкоски дека ќе се пренаменат средствата и ќе се распуштат Советите? 

Одговорот е лесен и тие добро знаеја дека тоа не е можно. Силењето во јавноста е потребно за секојдневно да се одржува наводната бунтовност на оваа Влада, наводната одлучност и сила. Но тоа брзо ќе издише. 

ПРЕС24: Наскоро пред Собранието ќе се најде идејата за стратешко економско партнерство со Унгарија, ветувањето на власта за милјарда евра кредити, од кои дел треба да завршат во стопанството, дел во локалната самоуправа. Ќе го поддржи ли опозицијата ваковото законско решение?

ФИЛИПЧЕ: Категорично - не. Милијардата на Мицкоски од Будимпешта е економско и политичко ропство. Во ова немам дилема, а согласно анализите на економските експерти, овој потег е финансиска глупост. 

Но, за чесен политичар, како што Мицкоски се претставува во јавноста, чесно е прво да одговори каде и на која страница од програмата е ова задолжување. Такво нешто нема, ова била целосно скриена агенда која очигледно има и скриени цели.

Мицкоски на крајно сомнителен начин, без никаков мандат договарал нешто како лидер на опозиција - прво милијарда, па 500 милиони со можност да си позајми кога и колку му треба. Сега министерката за финансии со ад-хок закони треба да го аминува ова, без одговори, без аргументи, без објаснување за импликациите. Тоа СДСМ не само што нема да го поддржи, туку со сите расположиви демократски средства во Собранието ќе се обиде и да го спречи.

СДСМ ќе ги искористи сите средства да укаже и докаже зошто е ова штетен договор. Аргумените за наводната поволна камата не само што се неточни, туку унгарските медиуми укажаа дека Орбан за сопствени потреби се задолжува со многу повисоки камати. 

Кога некој ви дава кредит кој самиот поскапо го плаќа, тогаш е јасно дека зад тоа има огромен политички и корупциски интерес. Оваа Влада планира да се занимава со крупна корупција и ова брзо ќе излезе на виделина. 

Практично, веќе и стигна првата фактура за овој наводно фантастичен договор, најавата за влез на телеком компанија блиска до Орбан. Па прашањето е што се ќе следува? Да не е брзата пруга? Концесии во бизнисот со снабдување со нафтени деривати? Допрва ќе видиме какви услови ќе им се дадат на инвеститорите и што се крие зад целиот договор.

СДСМ има обврска јасно да укаже на сите последици од овој договор. И многу конкретни сознанија ќе бидат предочени токму од собраниската говорница. Затоа впрочем и предупредив и повикав законот, час поскоро да се достави Собранието, за да го разобличиме.

ПРЕС24: Што според Вас може да биде позадината на оваа екононска соработка со Унгарија?

ФИЛИПЧЕ: Пред сè би рекол коруптивни мотиви, погрешни геостратешки проценки, финансиски интерес на малкумина од власта, а можеби и враќање на долг кон Орбан кој со години го чува Груевски од прогон.  

Понатаму, сметам дека станува збор и за наивни политички игри со кои купувајќи ја наклонетоста на дел од бизнис заедницата ќе се оправдаат лажните и нереални ветувања. Како оние за повисок животен стандард кои паднаа во вода за два месеци, со лажните аргументи дека нема пари за повисоки плати. Нема за повисоки плати, но има за четири нови министерства, нов заменик на заменикот директор во Царина со цел кабинет и има за патувања во бизнис класа. Се ова оди кон потврда на она што го говорев пред еден месец, а тоа е враќање на политиката на нудење феудални услови за експлоатација на работната сила.  

Очигледно е дека Мицкоски сака да копира некои лидери од соседството, но при тоа си ги преценил своите потенцијали и капацитет. Впрочем, копијата е секогаш полоша од оригиналот. Но, да го почекаме законот што толку долго го пишуваат, па ќе ги соочиме аргументите од собраниска говорница. 

ПРЕС24: Во делот на надворешната политика и евроинтеграциите новата влада заговара идеја за одложено дејство на уставните измени. Се согласува ли СДСМ со таков концепт, и дали ако во ваков случај се најдат уставните измени во процедура, СДСМ ќе ги гласа?

ФИЛИПЧЕ: Тоа е уште една голема предизборна лага на ВМРО- ДПМНЕ која сè  уште се обидуваат да ја одржат во живот. ВМРО-ДПМНЕ добро знае, а претставници на Владата признаа дека промени во преговарачката рамка не може да има. 

Откако на сите им стана јасно дека тоа не може да се случи, сега имаме нов обид за да се ослободат од тематаа и велат дека се чека политичка Влада во Бугарија. Но, и за ова стигна јасна порака дека независно од тоа која и каква Влада има Бугарија, условите се исти бидејќи тие се услови на ЕУ, не на Бугарија. Ставот на ЕУ е ист како пред, така и после изборите, а непромент и ќе остане. Останува ВМРО-ДПМНЕ да се извини дека и за ова ги измамил гласачите. 

ВМРО-ДПМНЕ, реално, никогаш немале ниту план ниту концепт како да се добијат подобри услови во преговорите. Спред мене ниту сакаат тоа да го постигнат. Проблемот е што пред изборите, сакајќи да им се додворат и на оние граѓани кои сметаат дека треба да продолжат евроинтеграциите, лажеа дека знаат како со мудра дипломатија да дојдат до подобри позиции. Една голема лага, секако, како и на многу други теми. Тие не велеа ние ќе ги напуштиме преговорите. Не велеа ако ЕУ не се согласи на промена на преговарачката рамка ние не мора да одиме во ЕУ. Не. Велеа дека тие имаат капацитет да обезбедат подобори услови. И секако тоа нема да се случи. 

Од друга страна, истовремено силно се чукаа во гради експлоатирајќи го слоганот Никогаш Северна. Но сега, тераат политика „ни риба ни девојка“ и државата од само Македонија стана „Републиката“, „Нашата Земја“ и така натаму. Ова говори за карактерот на партијата и нивните намери. ВМРО-ДПМНЕ е нечесна партија, која во политиката гледа само можност за манипулација. Тие прво ја смислуваат манипулацијата па потоа градат политики околу неа. Некој ќе рече дека ова е паметно, така се победува. Можеби, ама така се уназадува државата и се изневеруваат граѓаните. А понатаму, секогаш кога ќе треба да се соочи Владата со предизвик, да донесе одлука или да покаже лидерство, ќе ја имате повторно само манипулацијата. И тоа е се што можеме да очекуваме од ВМРО-ДПМНЕ и во ова немам дилеми, тие за само два месеци тоа го покажаа на дело. 

Што се однесува до вашето прашање, ние веднаш ќе прифатиме одложено дејство на уставните измени, штом министерот за надворешни Муцунски каже кои тоа земји имаат разбирање за оваа позиција. Еве јавно го повикувам, на затворена собраниска седница да го соопшти тоа, да каже кои се тие земји, колку се, дали би поддржале промена на преговарачката рамка и ние ќе го поддржиме. 

Но таква седница нема да има, зошто тоа не може да се случи и тоа и Муцунски и Мицкоски го знаат. 

СДСМ имаше јасна цел каде сака да ја води државата. Имаше искрени намери конечно да излеземе од балканската кал и вечните блокади. И знаеше колку е тоа тешко и какви последици по рејтингот ќе има партијата. Но имаше исправни и чесни намери. Проблемот со ВМРО-ДПМНЕ е што кога тие се на власт, никој не знае каде се движи државата, никој веќе не зборува за стратешки долгорочни цели, туку се зборува само за дневен политички популизам и за жал, таа политика води секогаш до застој. 

ПРЕС24: Мицкоски во последното негово интервју Ве прозва дека ја избегнувате власта, односно требало досега да остварите средба со него како Премиер и со Пртеседателката Сиљановска Давкова. Ќе одите ли на средба со Мицкоски и Сиљановска Давкова?

ФИЛИПЧЕ: Средба со Мицкоски ќе има кога за тоа ќе има потреба. Јас не сум должен да одам кај самопрогласени авторитети на запознавање, впрочем со Мицкоски и Сиљановска и добро се познаваме. 

ПРЕС24: Нешто повеќе од еден месец како сте на чело на СДСМ. Направивте ли план што понатаму? 

ФИЛИПЧЕ: Во моментов течат внатрепартиските процедури за реевиденција на членството, потоа избор на општински претседатели па сè до избор на делегати на Конгресот. До крајот на октомври, почетокот на ноември, очекувам да се завршат сите процеси, да се изберат сите органи на партијата и да бидеме целосно оперативни. Паралелно се работи целосно нова политичка стратегија на СДСМ, која верувам дека ќе може да ја презентираме некаде во октомври. Со ова, партијата ќе биде целосно подготвена за силно политичко делување.  

ПРЕС24: Јавноста има чувство дека СДСМ изминатиов период, односно по катастрофалниот пораз се однесува како изневерена девојка од гласачите. Ретки се јавните настапи на членови на партијата, протоколарни прес-конференции, нема опозициска жестина во критиките на потезите на власта. Уште колку долго ќе биде ваквата политика во смисла граѓаните си го гласаа ВМРО ДПМНЕ еве сега нека си го трпат…

ФИЛИПЧЕ: Иако помина малку време после поразот, и покрај внатрепартиските избори, сепак СДСМ не само што не остана нема на настаните, туку самата разобличи неколку скандали. 

Тоа воопшто не е точно. Напротив, сметам дека СДСМ во овие два месеци одигра клучна улога во демаскирање на сите погрешни политики на власта. Ги отвори и разоткри сите скандали, а ги имаше десетици и беше активна на секое поле. Секако дека има уште многу работа и завршување на партиските процеси, но СДСМ е најсилна и најгласна опозициска партија, а во периодот кој следи граѓаните ќе видат огромна позитивна промена во начинот на кој функционира партијата.

01.09.2024 - 14:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега