Велешката Општа болница ќе набавува опрема за повеќе одделенија
ЈЗУ Општа болница Велес ќе набавува медицинска опрема за Интерно, за Очно, Детско и Одделение за неврологија и психијатрија, а за тоа веќе доби согласност од Фондот за здравство, информира при денешната посета на болницата Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски, кој потенцира дека за велешката болница годинава се издвоени 40 милиони денари што е повеќе од 2024 година фондовски средства, а од кои поголемиот дел се за подмирување на долгот на јавната здравствена установа, додека дел за плати на нововработените и за набавка на нова опрема.
- Ќе се набавува медицинска опрема за повеќе одделенија на болницата. Јас ќе ја потенцирам најголемата, која се однесува на Одделение за Офталмологија, каде е набавен вакум апарат а сега ќе се набави микроскоп за да се комплетира Офтомолошкиот оддел за редовна работа. Тоа значи дека ќе се изведуваат хирушки зафати на очи, информира Клековски.
Како што инфомира заменик министерот за здравство Јовица Андовски, со финансиски средства што Министерството за здравство и ги обезбеди на велешка Општа болница комплетно ќе се реновира зградата на Одделението за инфективни заболувања и ќе се гради Потстаница за медицински гасови.
-Ќе и го вратиме сјајот на велешката Општа болница и таа повторно да биде здравствен центар за реонот на Повардарието, како што беше порано, најави заменик министерот Андовски.
Тој потенцира дека објектите се значајни за подобрување на квалитетот на здравствените услови и за подобрување на условите на здравствените работници.
Најави дека до 26 август ќе биде поднесен проектот за целосна реконструкција на Инфективно одделение, по што следи постапката на Ревизија а по неа и избор на најповолен понудувач за да започне реконструкцијата како и градењето на одделението.
Тој информира дека во велешка болница се вработени 11 приватни специјализанти додека според План за специјализација уште 13 лекари добиле согласност за заминување на специјализација во најразлични здравствени гранки. Воедно и дека се преземени од други приватни болници уште пет лекари специјалисти од кои еден е од хирушката здравствена гранка.
Директорот на велешката болница Александар Бузалков, потенцира дека набавката на новата здраствена опремата ќе придонесе за подобрување на услугите што болницата ги издава.
-Убеден сум дека и понатаму ќе продолжиме со ваква соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, најави Бузалков.
Тој додаде дека ќе се набават ехо апарат и ултразвук за Интерно одделение, топлотно креветче и билирбинометар за Детското одделение како и ЕКГ перфузер и аспиратор за Психијатриското одделение.
Одговарајќи на новинарско прашање, Клекосвски рече дека постојат барања од здруженијата на лица со посени потреби освен тие кои веќе добиваат бесплатна рехабилитација за бањско лекување во земјава, бесплатен престој во бања да добие и нивниот придружник. Тој истакна дека тоа во моментот не е опција за тековната 2025 година, но дека постои опција во буџетските проекции на Фондот за 2026 што се во фаза на изработка, да одредат за кои дијагнози е неопходно за овие лица со посебни потреби да има и бесплатен придружник за рехабилитација на бања.
Истакна и дека Фондот за здравство како олеснување за сите хронични дијагнози, упатите за нив наместо 2 месеци како досега, отсега ќе важат до 6 месеци, со цел да им се помогне полесно да обезбедат место за рехабилитација во некоја од 4-те бањи во земјава, а кои имаат склучено договори со Фондот
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа