Василевска: Системот мора да функционира во корист на граѓаните
„Во услови додека трае истрагата и додека се уште има активни мерки, кои што по самата природа на нештата бараат тајност и непристрасност, отворањето или прераното отворање може да направи попречување на самиот процес. Во случај кога имате затворена истрага и немате позитивни резултати, или граѓаните не ви веруваат дека институциите на системот ја исполниле својата задача, или во услови кога воопшто тоа не е направено, тогаш во такви услови е неопходно да се направи анкетна комисија и да се дебатира на овие прашања. Секако ние, како претставници на граѓаните, имаме должност и обврска тоа да го направиме“, вели пратеничката од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска во вечерашното гостување во емисијата Топ Тема на Телма ТВ.
Василевска истакна дека во овој моментум да се формира анкетна комисија е или политички маневр, или непознавање на Уставот и законите на државата. Таа објасни дека по завршување на истрагата, доколку се утврдат неправилности во постапките ќе се отвори истата, со крајна цел, системот да започне да функционира во корист на граѓаните.
„Од таа причина, да се инсистира во овој конкретен моментум да се направи истото, е или политички маневер, или пополнување на некаква реторичка празнина, или непознавање на Уставот и законите на државата. Од таа причина сметам дека ако е потребно и кога ќе заврши истрагата, ќе седнеме на ниво на пратенички групи, ќе го договориме датумот, ќе ги повикаме сите засегнати страни и ќе ја отвориме истата. Треба да вроди со одреден плод, т.е треба да дојдеме и до заклучоци коишто ќе имаат потоа нели доколку се утврдат неправилности во постапките, се утврдат и лични и други одговорности, да може да се постапува, системот да профункционира еве со овој притисок што го има надзорен законодавниот дом“, категорична е Василевска.
Василевска посочи дека јавните претставници мора одговорно да гледаат на своите обврски кои ги имаат, а правилата на игра мора да се почитуваат, истите тие правила кои важат подеднакво за сите.
,,Ние како јавни претставници да почнеме многу поодговорно да гледаме на обврските коишто ги имаме и секако да ги почитуваме правилата на игра, кои треба едноставно да важат еднакво за сите“, децидна е Василевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа