Унгарија даде зелено светло: Шведска влегува во НАТО
Унгарскиот парламент го одобри членството на Шведска во НАТО, речиси две години откако историски неутралната земја поднесе барање за влез во западната воена алијанса!
Гласањето, кое се одржа во понеделникот во Будимпешта, уследи по состанокот меѓу шведскиот премиер Улф Кристерсон и неговиот унгарски колега Виктор Орбан, на кој тие се согласија да ги остават настрана нивните разлики.
Минатиот месец Турција го одобри влезот на Шведска во НАТО, со што Унгарија стана последната земја што не го стори тоа.
Пресвртот дојде откако лидерот на владејачката парламентарна група Фидес минатата недела предложи прашањето да се покрене во унгарскиот парламент во понеделник, кога тој повторно беше отворен по зимскиот распуст.
Шведска поднесе барање да се приклучи во мај 2022 година, во исто време со Финска, во историска промена во нејзината безбедносна политика, поттикната од руската инвазија на Украина.
Одлуката сега ќе биде испратена до привремениот претседател на Унгарија, Ласло Кевер, кој ќе има рок од пет дена да ја потпише и да ја испрати до американскиот Стејт департмент во Вашингтон.
Според протоколот на НАТО, американската влада мора да биде известена за ратификација на нова земја од земјите-членки.
Генералниот секретар на НАТО потоа ја поканува новата земја да пристапи кон договорот кој потоа се испраќа до американскиот Стејт департмент, кој формално ги поканува да станат членки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа