Турски бизнисмени заинтересирани за инвестиции во Пелагонија: Фокус на Прилеп и Новаци

 


Турските компании се заинтересирани да инвестираат во Македонија и во Пелагонискиот регион, ова било констатирано при дводневната посета на турска делегација од општината Тире, Измир. Во делегацијата се турски бизнисмени, кои денеска имаа средби со прилепските бизнисмени преку Регионалните стопански комори на Прилеп и Тире, Турција.

Ова е возвратна посета по посетата на прилепската делегација лани на општината Тире,  кога беше возобновено збратимувањето меѓу двете општини воспоставено пред 15-тина години.

Според Никола Мариноски, претседател на прилепската Регионална стопанска комора, со збратимувањето и на регионалните комори односите се поставени на повисоко, стопанско ниво. Присутни се претставници на осум турски компании од повеќе дејности кои се заинтересирани за инвестирање.

-Со оваа возвратна посета преземаме конкретни чекори. Оваа делегација доаѓа со бизнисмени кои се заинтересирани за инвестиции во нашата општина. Тие се должни сите услови кои ги нудиме да ги пренесат до членките на турската регионална стопанска комора. На оваа средба се осум турски фирми од производството. Ги разгледуваат можностите за инвестирање, даночните поволности и сметаме дека ќе донесеме некоја инвестиција во Прилеп, изјави Мариноски.

Пред година и половина се направени први чекори во Новаци, Битолско, а се очекува и во Прилепско. За турските бизнисмени охрабрувачки чекор се даночните олеснувања.

-Тука сме да ја започнеме стопанската соработка. Многу ни значи што има поволни даночни олеснувања и сега ќе ги продлабочиме добрите односи, рече Мехмед Надир Деликална, претседател на Регионалната стопанска комора Тире, Турција.

Метин Агдаш, претседател на индустриска зона во Тире, Турција веќе го посетил Пелагонискиот регион и има купено парцела во општина Новаци.

-Пред година и половина дојдовме во Македонија. Бев во Битола, Новаци, а сега и во Прилеп. Секој град има свои особености во бизнисот и ги проучуваме сите можности зашто сакаме да инвестираме во Македонија, рече Метин Агдаш.

Градоначалниците на двата града, Борче Јовчески на Прилеп и Хајати Огуроглу на Тире, Турција се убедени дека стопанската соработка ќе даде резултати.

- Како Општина на стопанствениците од општина Тире може да им понудиме како за размена на добра од сите стопански дејности, така и за отворање нови инвестиции, фабрики во прилепската индустриска зона, изјави Јовчески.

Збратимувањето на двете регионални стопански комори е од големо значење.

-Ја обновуваме соработката и сега се надевам дека нашите бизнисмени ќе инвестираат во прилепскиот регион и во Македонија. Уште повеќе е извесно зашто се збратимија и двете стопански комори, рече Хајати Огуроглу по денешната средба на двајцата градоначалници кои ја отворија можноста за соработка на стопанствениците од двете земји. 

27.05.2025 - 15:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега