Трамп: Ударот врз Иран беше како нападот на Хирошима
Американскиот претседател Доналд Трамп направи споредба меѓу американскиот воздушен напад врз Иран и фрлањето на нуклеарните бомби врз Хирошима и Нагасаки во 1945 година, тврдејќи дека во двата случаи таквите напади успешно ставиле крај на војната, пренесува CNN.
„Не сакам да го користам примерот со Хирошима. Не сакам да го користам примерот со Нагасаки, но тоа во суштина беше иста работа која ja заврши тaa војна“, рече Трамп за време на НАТО-самитот во Холандија.
„Ова ја заврши оваа војна. Ако не го уништивме тоа, ќе продолжевме да се бориме“, додаде тој, говорејќи за нападите врз иранските нуклеарни постројки. Трамп во своето обраќање повтори дека американските напади, според него, го вратиле иранскиот нуклеарен програм назад за децении.
„Мислам дека никогаш повеќе нема да се обидат. Поминаа низ пекол. Им е доста. Последното што сега го сакаат е повторно да збогатуваат ураниум“, рече тој.
Aмериканската војска на 6 август 1945 година фрли нуклеарна бомба на јапонскиот град Хирошима, а три дена подоцна и втора бомба врз Нагасаки. Тоа беше прв и досега единствен случај во историјата кога нуклеарно оружје било употребено во војна.
Се проценува дека во тие два напада загинале најмалку 200.000 луѓе, најголем дел цивили. Јапонија неколку дена подоцна, на 15 август 1945 година, објави безусловна капитулација, со што заврши Втората светска војна во Азија. Историчарите сè уште се расправаат околу оправданоста на нападите, а нивниот разорен ефект остави длабока трага во глобалната безбедносна и политичка историја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа