Тошковски: Реновирани спортските капацитети на полициското одморалиште во Пониква
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за спорт Борко Ристовски денеска во одморалиштето на МВР во Пониква ги пуштија во употреба реновираните спортски капацитети наменети за вежбовни активности на полициските службеници.
Како што информира МВР, Тошковски потсетил на потпишаниот Меморандум за соработка со Министерството за спорт.
- Со Министерството за спорт неодамна потпишавме Меморандум за соработка со кој ќе ги надградиме, реновираме и унапредиме поголемиот дел од спортските капацитети на Министерството за внатрешни работи. Вложувањето во капацитетите на кои се обучуваат полициските службеници е влог во стабилноста и безбедноста на државата, нагласи Тошковски.
Во рок од еден месец, како што наведе, беше поставена основа за фудбалско игралиште и фитнес зона со монтирање на сите реквизити.
- Игралиштата за фудбал, кошарка и одбојка се опремија со полипропиленски подови, обележени и со нови реквизити. Добија и трибини од по два реда за следење на натпреварите. Покажуваме дека преку добро планирање и соработка помеѓу институциите, јасна визија и одлучност, може да се изградат услови кои ги задоволуваат современите полициски потреби, истакна министерот Тошковски.
- Во меѓувреме преку оваа соработка на двете министерства се работи на реновирање на спортските капацитети на Центарот за обука на МВР во Идризово каде се создаваат и унапредуваат сите полициски човечки капацитети, стои во соопштението од МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа