Тензично во Турција: Полицијата пукаше

 


Демонстрантите кои се противат на апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, протестираа четврта ноќ по ред во тој град, како и во Измир и турската престолнина Анкара.

Некои учесници на протестот синоќа нападнаа полицајци, а во Анкара во напад на маскирани лица е повреден полицаец.

Полицијата испука гумени куршуми кон демонстрантите, објави ТРТ Хабер.

Организатор на протестот е главната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).

 

Имамоглу ги повика турските граѓани од неговиот притвор вчера да одржат масовни демонстрации низ целата земја бидејќи е принуден да чека во затвор да започне неговото судење.

Турското Министерство за внатрешни работи вчера соопшти дека Имамоглу е сменет од функцијата откако бил уапсен под обвинение за корупција и тероризам.

 

Градскиот совет на Истанбул, каде што ЦХП има мнозинство, се очекува да избере вршител на должноста градоначалник во наредните денови, по разрешувањето на Имамоглу, објави Ројтерс.

Имамоглу е клучна опозициска фигура и потенцијален противник на претседателските избори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, но тој ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „незамислива клевета“.

 

Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, велејќи дека судството е независно.

Имамоглу (54), кој според некои анкети имаше поголема поддршка од јавноста од Ердоган, требаше да биде именуван за официјален кандидат на ЦХП на претстојните претседателски избори.

24.03.2025 - 09:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега