Таравари уверува: Сите пациенти на Онкологија следната недела ќе имаат терапија

 

Клиниката за онкологија денеска ќе добие два од биолошките лекови кои ги немаше за пациентите. Министерот за здравство Арбен Таравари кој денеска присуствуваше на настан организиран од Светската здравствена организација за да се промовира разработувањето на национална стратегија за здравството до 2030 година со препораки за реорганизација на системот, увери дека терапијата е веќе стигната, а се очекува да пристигнат и другите лекови.

- Терапијата е стигната, утре уште два лека ќе стигнат, а во понеделник уште три. Практично ќе ги има сите лекови што ги немаше досега. Првпат се случува откако сме на власт, 10 дена да нема терапија, но 95 проценти од пациентите имаат терапија, а недостасуваше само за 5 проценти. А оваа набавка што сега ја користиме не сме ја направиле ние, туку е направена од тие пред нас. Но тоа е ирелевантно за пациентите. За нив е битно да има лекови. И еден пациент да нема – многу е, изјави денеска министерот Таравари.

Вели дека се обидуваат да изгаснат пожари што однапред се предизвикани на прашањето дали е вистина дека се трошат последните количества имунолошка терапија на Клиниката за онкологија.

-Се надевам дека и тоа ќе го покриеме набрзо и нема да има криза. Се обидуваме да изгаснеме пожари што однапред се предизвикани. Не сакам да се правдам или да барам кој е крив, ама овие тендери за оваа количина се претходно направени. Сега со новото снабдување со лекови се надевам дека идната година нема да се случи наредниот јануари и февруари да недостасуваат одредени лекови, изјави Таравари.

30.01.2025 - 11:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега