Судењето за злоупотреба на службена должност против Димитриевски влезе во нова фаза
Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое обвинет за „злоупотреба на служена положба и овластување“ е кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, по пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случајот за недобивање дозволи за градење згради во Куманово.
На денешното рочиште на предлог на адвокатот на Димитриевски беше презентиран вештиот наод од област на урбанизмот. Вештото лице кажа дека градоначалникот и општината постапувале штитејќи го јавниот интерес, суспензијата на Деталниот урбанистички план е донесена откако реагирале гимназијата и здравствениот дом-школска амбуланта.
Како што објаснуваше, вештото лице во случај кога нема јасно дефинирани законски одредби како треба да продолжи постапката, по Закон за градење или закон за урбанизам, едниот го поддржува градењето, другиот јавниот интерес, општината и градоначалникот постапувале согласно надлежностите и ингеренциите кои се засноваат на Уставот, уредувањето, хуманизацијата на просторот, заштитата на животната средина како приоритет. По укажувањата на двата јавни субјекти, консултираните експерти, комисијата за урбанизам, донесена е одлука за суспензија. Општината, како што појасни, има правна надлежност и како прва е урбанистичкото планирање.
Обвинителката целосно приговараше на мислењето на вештото лице, сметајќи дека е издвоено мислење кое е контрадикторно со одлуките на Управниот суд, имајќи во превид дека општините при издавање на дозволите постапува согласно начелата и според одлуките на Уставниот суд, а вештото лице ги оправдува своите ставови, повикувајќи се на Уставот.
И адвокатите на градежните компании приговараа потенцирајќи дека вештото лице го занемарува фактот дека до суспендирањето на планот, општината требало да постапи согласно законот.
По завршување на рочиштето во изјавата за медиумите кумановскиот градоначалник, рече дека е обвинет за наводно сторено кривично дело и предизвикување материјална штета на лица кои не прибавиле дозвола за градба. Тој кажа дека се работи за „феномен“ во правосуството, но и нагласи дека верува во судот, институциите на системот.
- Го слушнавме вештото лице дека општината постапувала и го штитела јавниот интерес, согласно закон и уставните начела и не е направен ниту еден пропуст, не е ускратено ниту едно правно на ниту една странка, испочитувани се сите закони. Сметам дека после ваквото видување, доказите го уриваат обвинението и ги потврдуваат моите постапки, сметам дека истото Обвинителство час поскоро треба да го повлече обвинението, бидејќи не е издржано. Фамозниот обвинителен предлог, да ве потсетам стигна во судот, иако претходно беше побарано од моја страна изземање на обвинителот кој постапуваше пристрасно, но за жал успеа спротивно на законите да го проследи предлогот, а потоа истиот беше изземен, рече Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник нагласи дека е горд што ги штител интересите на граѓаните, додавајќи дека градбата носи штета на детскиот диспанзер и на гимназијата и не само оваа туку сите во конкретниот ДУП.
- Поради икс причини беше укината од страна на Уставниот суд, времето е покаже дали одлуките биле донесени согласно законот или врз база на политички притисок којшто е евидентен во институциите на системот, изјави Димитриевски.
Тој нагласи дека ќе се заложи како лице во јавниот живот, Македонија да добие реално владеење на правото и професионални судски институции.
Адвокатот на градежниците, Виктор Божиновски пак изјави дека вештачењето наменски е правено од одбраната на обвинетиот.
-Воопшто не е базирано на делови од законот за урбанистичко планирање и законот за градење, туку е базирано врз правни прашања, што на крајот е работа на судот. Во вештачењето се заборава дека постојат два месеци во кои градоначалникот, иако во рок до два дена бил должен да извади пресметка за комуналии тоа не го сторил и тоа е оснвата на постапката, рече Божиновски.
Адвокатот на градежните компании кажа дека сведочењето на вештото лице е неточно, бидејќи има пресуди од управниот и одлуки на Уставниот суд кои рече потврдуваат дека општината и градоначалникот незаконски постапувале.
На наредното рочиште ќе бидат сослушани уште две вешти лица. Судењето е закажано за февруари идната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа