Стојаноска: Реалниот раст на БДП од 3,4% резултат на работата на Владата и парламентарното мнозинство

 


Република Македонија во првиот квартал од 2025 година оствари реален раст на Бруто домашниот производ од 3,4%. Овој успех не е случаен. Тој е резултат на координирана и посветена работа помеѓу Владата, Собранието и парламентарното мнозинство. Законодавната поддршка што ја даваме на Владата овозможи носење на клучни реформи и закони кои директно влијаеа врз забрзан економски раст, изјави денеска на прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска. 

Како што истакна таа, во првиот квартал од годинава, највисок пораст е забележан во градежниот сектор, кој порасна за 13,2% во однос на истиот период лани.

- Овој резултат е директна последица на суштинските законски измени, особено измените и дополнувањата на Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и низа други законски решенија со кои што создадовме правна рамка која овозможува побрзо решавање на експропријацијата и предвидлива урбанистичка инфраструктура, реча Стојаноска.

Според неа, благодарение на тоа, започнати и во полн интензитет се реализираат капитални проекти како изградбата на Коридорите 8 и 10-д, кои дополнително ја мобилизираат и стимулираат домашната економија. Паралелно со капиталните инвестиции, како што кажа, оваа Влада работеше и на зајакнување на куповната моќ на граѓаните.

- Со покачувањето на минималните и просечните плати, како и со континуираното усогласување на пензиите, го зголемивме нивото на приватна потрошувачка, која значително придонесе за економскиот раст. Ова покажува дека секоја одлука што ја донесуваме – било фискална, било социјална – директно влијае врз подобрувањето на животниот стандард и економската динамика, рече таа.

Нагласи дека ова темпо ќе продолжи да се одржува и дека фокусот ќе биде ставен на реформи, капитални инвестиции и стабилни јавни финансии и во текот на 2025 година ќе постигнеме годишен раст од најмалку 3,5 до 4 проценти, како што предвидуваат и нашите макроекономски анализи. Според Стојаноска, Македонија е на добар пат. 

04.06.2025 - 12:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега