Собранието потпиша меморандум за соработка со музеите

 


Претседателот на Собранието Африм Гаши и директорите на Музејот на Република Северна Македонија, Борче Топуковски, и на Музејот на современа уметност, Тихомир Топузоски потпишаа Меморандум за соработка, со кој, меѓу другото, се истакнува улогата на културата и уметноста во општествениот развој и се искажува волја за развивање на свеста за унапредување на културните и уметничките вредности во зградата во која е сместен законодавниот дом.

Целта на Меморандумот е да се обезбеди зачувување на сите материјални и културни добра кои се наоѓаат во зградата на Собранието во изворна состојба, како и преземање на активности за спречување на дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане нивно оштетување, уништување, исчезнување, деградирање и противправно присвојување.

Собранието и музеите меѓусебно ќе соработуваат заради остварување на целите на овој Меморандум преку: изработка и спроведување на конзерваторски и реставраторски проекти за потребите на Собранието, без надомест; организирање и спроведување културни и изложбени настани и проекти; консултативни активности и взаемна размена на информации; формирање на заеднички тимови за изработка на регистар на уметнички дела и културно-историски предмети во Собранието; вклучување на страните потписнички во проектни активности од взаемен интерес и други области од заеднички интерес заради кои се заснова соработката.

29.05.2025 - 16:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега