Сиљановска-Давкова: Во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за рамноправна, европска и правна држава, членка на Европската Унија
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 34-годишнината од осамостојувањето на државата. Во неа, Сиљановска-Давкова потсетува дека сеуште се соочуваме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици и со отстапки и компромиси кои не се усогласени со референдумската одлука од 1991 година и со меѓународното и националното право.
- Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија. Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право. Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит, нагласува Сиљановска-Давкова.
Додава дека не се откажала и дека никогаш нема да се откаже од македонските национални интереси и дека мора да продолжиме да ги реафирмираме и да се бориме за нив и дома и надвор, во европските и меѓународните институции, на правен, политички и демократски начин.
- Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на Копенхагенски критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници, преку компетитивна и просперитетна економија, преку партиципативна политичка култура, преку силно граѓанско општество и слободни медиуми. Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги. Ако домата ни е европска, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да работат, творат и растат семејства тука, во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно. Само во европски амбиент се креира европска иднина, порачува претседателката на државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа