Сиљановска-Давкова ќе се приклучи на еколошките активности на „GENERALKA WEEKEND“

 


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Гордана Софија и Ханес Јекл, извршни директори на компанијата „Man and Mountain“ и организатори на еколошката акција „GENERALKA WEEKEND“.

На средбата се разговараше за целите и активностите на овој настан, како и за подготовките за неговото годинешно издание. Соговорниците информираа дека станува збор за национален настан којшто се одржува во сите општини во земјава во вториот викенд од мај. Истиот вклучува волонтери, учесници од граѓанскиот и бизнис секторот, образовни институции, комунални и други јавни претпријатија, спортски и пензионерски клубови, месни и урбани заедници, национални паркови, коишто ја чистат нивната околина и го селектираат собраниот отпад.

Претседателката им оддаде признание на организаторите на акцијата, нагласувајќи дека нивниот ангажман значително придонесува за подигнување на јавната свест за потребата од селекција и рециклирање на отпадот. Според неа ваквите иницијативи не само што помагаат во заштитата на животната средина, туку и ги инспирираат граѓаните да бидат носители на позитивни промени во својата заедница создавајќи култура на еколошка одговорност.

Потенцирајќи дека дополнителна вредност на акцијата ѝ дава партнерството со неколкуте општествено одговорни компании, претседателката ја нагласи важноста и на придонесот од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Македонски шуми коишто преку засадување на дрвја на неколку локалитети во земјава учествуваат во неа,

Претседателката со задоволство ја изрази својата подготвеност да се приклучи во активностите на оваа иницијатива и на други акции и настани поврзани со зголемувањето на еколошката свест истакнувајќи дека е потребна заедничка масовна активност во заштитата на природата.

 

Минатата година во оваа еколошка акција учествуваа околу 20.000 волонтери на повеќе од 400 локации во сите општини во државата и собраа повеќе од 300.000 килограми отпад.

18.02.2025 - 15:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега