Шукова: Изјавата на Ангелов за Ромите е нечовечност и дискриминација
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, остро реагира на изјавата на директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, дека „Ромите од Вардариште со сила треба да се иселат“, со што, всушност, го открива вистинското лице на оваа власт.
„Со кое право Ангелов кажува дека Ромите кои живеат во Вардариште требало ‘на сила да бидат иселени’? Ова е врв на нечовечноста, но и злоупотреба на луѓе од најниските слоеви за да се оправда нивната неспособност да направат нешто за да се спречат пожарите“, реагира Шукова.
Кандидатката за градоначалник Шукова истакнува дека Ангелов и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во немоќ ниту да спречат, ниту да откријат виновници, а уште помалку да најдат исправно и хумано решение за луѓето, напаѓаат и дискриминираат цела заедница.
„Откако целата Влада излезе со различни ставови за тоа кој пали и кои се причините, откако сами себе се демантираат веќе цели два дена, сега конечно најдоа начин да се бранат со оцрнување и етикетирање“, наведе Шукова.
Власта е неспособна и шири ароганција и гнев поради сопствените неуспеси.
„Граѓаните на Скопје треба да знаат дека локалните институции имаат задача да најдат решение за проблемот, а ВМРО-ДПМНЕ цели четири години не најде решение, ниту воопшто работеше на тоа. Фатени во криза од својата неспособност, не им останува друго освен да измислуваат странски центри и да напаѓаат луѓе на кои и онака животот им е многу тежок“, наведе Шукова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа