Шокантна глетка на Алпите – пронајдени коски и човечка нога со стапало
Топењето на глечерите во австриските Алпи во текот на летото 2024 година откри шокантна глетка – коски и човечка нога со стапало, што доведе до разјаснување на мистеријата за исчезнатиот човек повеќе од 50 години.
На 25 август 2024 година, тиролската полиција пристигна на надморска височина од 2.459 метри во општината Зелден, откако топењето на мразот откри делови од тело во долината Ротмустал.
Повеќето од пронајдените коски припаѓале на животни, но меѓу нив имало и човечки дел – нога со стапало.
Со помош на ДНК анализа, која беше извршена во Институтот за судска медицина на универзитетот, иследниците можеа изненадувачки брзо да го разјаснат идентитетот.
Форензичарите потврдија дека делот од телото е на 30-годишен германски државјанин од Баден-Виртемберг, кој исчезнал во 1967 година за време на скијачка тура во областа Васерфалфернер, на надморска височина од 3.200 метри.
Потоа паднал во леден процеп и оттогаш е впишан во исчезнати лица.
Иако сега е разјаснет идентитетот на исчезнатиот, потрагата по него не даде среќен исход. Според полицискиот извештај, сите роднини на жртвата починале, што значи дека случајот е затворен во евиденција без можност за контакт со семејството.
Според Херберт Формајер, научен директор на Извештајот за климата за 2022 година и професор на Институтот за метеорологија и климатологија на Универзитетот БОКУ во Виена, глечерите во Австрија би можеле да се намалат за дури половина во следните 20 години, без оглед на сценаријата за климатски промени.
Формајер предупредува дека климатските промени сериозно ги загрозуваат глечерите и водните ресурси, а од 2040 година недостигот на вода може да стане сериозен проблем, особено за време на летните суши.
Оваа трагична приказна за исчезнатиот човек служи и како потсетник за опасностите од климатските промени, кои предизвикуваат исчезнување на глечерите и драстично влијание врз природните ресурси.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа