Севернокорејците се бестрашна пешадија во руската војска: Се разнесуваат со бомби пред да ги заробат

 

„Како што рече еден командант, во споредба со севернокорејските војници, платениците на Вагнер од 2022 година се само деца. „И јас му верувам“.

Вака изјави за бриселски Политико Јуриј Бондар, украински војник од 80-та посебна воздушно-десантна бригада. Тој тврди дека севернокорејските војници имаат исклучителна физичка подготвеност и висок морал и дека се далеку од „топовско месо“.

– Покажуваат психолошка издржливост. Замислете, едниот трча и привлекува внимание, а другиот со насочен оган соборува дрон од заседа – рече Бондар, тврдејќи дека потценувањето на непријателот секогаш доведува до пораз.

Бондар, исто така, потврди дека Севернокорејците поседуваат исклучително високо ниво на вештина со малото оружје и дека успешно собориле „изненадувачки голем број“ украински беспилотни летала.

Украинската безбедносна служба продолжува со испитување на двајцата севернокорејски војници, заробени во областа Курск. Во меѓувреме, украинските војници кои се борат во областа Курск ги опишуваат Севернокорејците – претходно наречени „топовско месо“, кои ќе „побегнат штом пристигнат на фронтот“ – како вешта, бестрашна и мотивирана пешадија.

– Тие се разнесуваат кога ќе видат дека им се заканува заробување – изјави за бриселски Политико полковник Јарослав Чепурњи, портпаролот на украинската армија.

Двајца севернокорејски борци кои во саботата беа заробени од украинската армија префрлени се во Киев на лекување. Војниците не зборуваат ниту англиски ниту руски, па украинските специјални служби соработуваат со Јужнокорејската разузнавачка агенција за да комуницираат со нив.

На 5 јануари беше започната контраофанзива во областа Курск.

– Едниот од нив изрази желба да остане во Украина, а другиот сака да се врати во Кореја – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски додавајќи дека Киев е подготвен за размена на заробеници со Пјонгјанг.

Околу 12.000 севернокорејски војници, наводно, се вклучиле во борбата против Украина на страната на Кремљ кон крајот на октомври за да помогнат во протерувањето на Украинците од Русија. Оттогаш Киев изгуби околу половина од 1.250 квадратни километри што ги освои.

Околу 300 севернокорејски војници досега се убиени, а 2.700 се повредени во борбите против Украина, соопшти вчера јужнокорејската Влада во Сеул. Тешко е да се проверат бројките, бидејќи ниту Москва ниту Пјонгјанг директно не го потврдија учеството на севернокорејските сили во војната.

Украинските елитни сили продолжуваат да се борат против руските и севернокорејските сили за да се задржат на дел од регионот Курск, што Киев го зазеде во ненадејна офанзива во август. Украинската војска почна уште една контраофанзива таму на 5 јануари.

15.01.2025 - 10:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега