Се одложи судењето за убиството на бездомното куче Феликс, активистите в недела излегуваат на протест

 


Се одложи судското рочиште за свирепото убиство на бездомното куче Феликс. Поради тоа, актвистите за заштита на правата на животните повикаа на мирен протестен марш, што ќе се одржи на 15 јуни (недела), со почеток во 12:00 часот, пред Министерството за внатрешни работи.

„Судот немаше друг избор, почитувајќи го начелото на правичност, освен да ја одложи главната расправа поради наводни здравствени причини на бранителот на обвинетиот, токму во момент кога требаше да се произнесе одбраната. Случајност или сепак не?“, велат од граѓанската иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, кое е организаторт на протестот.

„Вчера требаше да сведочи Злате Димески — предложен од одбраната и присутен на самото место на убиството. Злате Димески го донесе стапот со кој беше убиен Феликс и на видеоснимките се гледа како немо набљудува со рацете зад грб додека Феликс беше немилосрдно претепуван и за жал подоцна им подлегна на повредите“, се наведува во соопштението.

Давањето можност убиецот да го брани лице кое со право може да се смета за соучесник — нем набљудувач кој не само што во ниту еден момент не се обиде да го спречи насилството врз недолжно животно туку и е истиот тој што го обезбеди оружјето за извршување на убиството, според Зелен хуман град, претставува дополнителна неправда и болно извртување на правото на фер судење.

„До кога ќе ја чекаме правдата за Феликс, имајќи ги предвид сите одложувања, годишни одмори, судска ферија? Ќе ја добиеме ли воопшто?“, прашуваат од Здружението.

На протестот ќе побараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од 1 година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за Комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.

13.06.2025 - 14:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега