СДСМ бара оставка од Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ им враќа со скандалозни факти
По вооружената пресметка кај Бит Пазар во која животот го загуби 31-годишен маж, СДСМ обвини за распад на безбедносниот систем и побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати дека токму во времето на СДСМ безбедносниот систем бил најмногу нарушен, а дека денес институциите конечно функционираат и се расчистува со криминалот.
Опозициската СДСМ вели дека безбедноста е сериозно нарушена и побара Панче Тошковски да си поднесе оставка.
„Хаос владее на улиците, безбедноста на граѓаните е сериозно нарушена“, обвинија денеска од СДСМ, реагирајќи на вчерашната престрелка кај Бит Пазар.
„Додека Панче Тошковски се изживува врз граѓаните и поднесува кривични пријави за објави на Фејсбук, криминалните банди му праќаат порака дека тој не ја контролира безбедноста и не му се плашат. МВР, под негово водство, е паднато на колена. Вчера сред бел ден, пред полициска станица, се случи мафијашка престрелка со загинати и повредени. Тоа е тотален распад на безбедносниот апарат“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ бараат оставка од министерот Тошковски како прв чекор за, како што велат, враќање на безбедноста на улиците.
„Доста беше Тошковски. Време е за оставка, време е за одговорност. Потребни се промени и итни реформи во безбедносниот систем, за да им се врати мирот и сигурноста на граѓаните“, истакнаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ остро возвратија дека токму за време на владеењето на СДСМ државата била претворена во „оаза за белосветски криминалци и наркобосови“.
„Во мандатот на нивниот долгогодишен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се доделуваа македонски пасоши на светски криминалци, наркобосови, па дури и на припадници на ИСИС. За време на нивното владеење пробивани беа акции за меѓународен шверц на дрога, а мафијата си доби своја држава“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата обвини дека нападите на СДСМ се затоа што денес конечно се расчистува со криминалците.
„Системот почнува да функционира, криминалците се апсат, а секој што се огрешил пред законот ќе одговара. СДС се плаши токму затоа што законот сега важи за сите, без исклучоци“, велат од владејачката партија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа