Руте: НАТО мора да ја засили воздушната и ракетната одбрана за 400 отсто
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска во Лондон ќе повика на драматично зголемување на одбранбените капацитети на Алијансата, вклучително и четирикратно засилување на воздушната и ракетната одбрана, објави агенцијата Ројтерс.
„Во Украина гледаме како Русија шири терор од воздух. Затоа мора да го зајакнеме штитот што го штити нашето небо,“ ќе изјави Руте. „Нашите армии имаат потреба од илјадници нови оклопни возила и тенкови, милиони артилериски гранати и значително зголемување на капацитетите за логистика, снабдување, транспорт и медицинска поддршка,“ ќе додаде тој.
Овој говор доаѓа во пресрет на претстојниот самит на НАТО во Холандија, каде што се очекува зголемен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп врз членките на Алијансата за драстично зголемување на нивните одбранбени буџети.
Трамп бара земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП), што е повеќе од двојно повисоко од актуелната цел од 2 проценти.
Минатата недела, американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, изјави во Брисел дека сојузниците се блиску до договор за новата цел од 5 отсто, која би можела да биде официјализирана на самитот во Хаг.
Откако Русија ја започна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, земјите од НАТО се обидуваат да го надоместат заостанувањето во модернизацијата на своите одбранбени системи.
„Опасноста нема да исчезне дури ни по крајот на војната во Украина,“ ќе предупреди Руте. „НАТО има потреба од квантен скок во својата колективна одбрана – повеќе моќ, повеќе капацитети и целосна подготвеност за реализација на нашите стратешки планови.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа