Рубио: Заврши ерата на владина неефикасност, УСАИД укината
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска официјално го објави укинувањето на Агенцијата на САД за меѓународна развојна помош (УСАИД), по брзата одлука за затворање на оваа владина агенција откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа.
Затворањето на УСАИД доаѓа по студија објавена вчера во медицинското списание Лансет, која предвидува дека укинувањето на американската помош може да предизвика дополнителни 14 милиони смртни случаи ширум светот, вклучително и 4,5 милиони деца, наведува „Хил“.
Администрацијата на Трамп го бранеше затворањето на УСАИД, наведувајќи дека со тоа се елиминираат „расфрлањето, измамите и злоупотребите“ и се пренасочуваат американските средства кон програми со конкретни резултати.
Рубио изјави дека децениската американска надворешна помош не донела резултати за САД. „Развојните цели ретко биле постигнати, нестабилноста често се влошувала, а антиамериканските чувства само растеле“, напиша денеска Рубио во блог-објава. „Ерата на владино санкционирана неефикасност официјално заврши“, додаде тој.
Демократите остро го осудија укинувањето на УСАИД, нарекувајќи го неуставно и сурово. Администрацијата ги замрзна средствата за надворешна помош, издаде општи наредби за прекин на работата на вработените во УСАИД и им го блокира пристапот до работните станици и е-поштата. Овие потези предизвикаа хаос во хуманитарната заедница и ги загрозија животите на многумина, според тужба поднесена против администрацијата, посочува „Хил“.
„Наместо да се вклучи во конструктивни разговори за ублажување на катастрофалните последици од овие отпуштања, администрацијата избра да нанесе максимална болка и тешкотии преку серија сомнителни, веројатно незаконски политики, проследени со омаловажувачка и дехуманизирачка реторика, без размислување за имплементацијата или човечките последици“, се вели во изјавата на Американската асоцијација на службеници за надворешни работи — синдикатот што ги застапува дипломатите.
Од 120 милијарди долари во договори што беа активни на почетокот на јануари, задржани се програми во вредност од околу 69 милијарди долари, според анализа на Њујорк Тајмс. Овде се вклучени 580 хуманитарни програми, 167 здравствени програми, 65 програми за економски развој и 79 други иницијативи.
Рубио денеска соопшти дека УСАИД „официјално ќе престане да спроведува надворешна помош“, а Стејт департментот ќе ја преземе распределбата на помошта за да се осигура дека програмите се „усогласени со политиките на администрацијата“. Тој вети дека помошта ќе се спроведува со „поголема одговорност, стратегија и ефикасност“.
Најавата беше поздравена од некои од клучните поддржувачи на Трамп од движењето „Направи ја Америка повторно голема“ (MAGA) во Конгресот. „Америка на прво место: секој долар, секој дипломат. Благодариме на претседателот Трамп и секретарот Рубио за вашето лидерство“, напиша републиканското мнозинство во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на платформата Икс.
Противниците, пак, оценија дека администрацијата на Трамп прави огромна грешка во надворешната политика. „Затворањето на УСАИД е историска грешка и ќе ѝ наштети на позицијата на САД во светот и во конкуренцијата со Кина“, напиша Р. Николас Брнс, поранешен амбасадор на САД во Кина за време на мандатот на Бајден, во објава на Икс.
Поранешниот претседател Џорџ Буш, според медиумските извештаи, присуствувал на вчерашната церемонија во чест на вработените во УСАИД, одбележувајќи го последниот ден на агенцијата. Тој ја спомнал неизвесноста околу Претседателскиот план за итна помош за борба против СИДА – популарна програма за превенција на ХИВ/СИДА што тој ја создаде и која спасила околу 25 милиони животи. „Дали е во наш интерес што 25 милиони луѓе кои ќе умреа сега се живи? Мислам дека е“, рече Буш. „Во име на благодарна нација, ви благодарам за вашата напорна работа и Бог да ве благослови“, додаде тој
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа