Рокас: Зелената економија е мотор што го движи напредокот и поттикнува развој на земјата
Активностите со кои Европската Унија, од различни аспекти, го поддржува подобрувањето на локалната заедница беа дискутирани во рамки на посетата на Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас на Куманово. Дел од агендата на Шефот на делегацијата на Европската Унија беше средба со градоначалникот на општината, Максим ДимитриевскиМаксим Димитриевски. Рокас, исто така, за низа прашања разговараше и со општинските советници, а во „Занаетчиски дом“ учествуваше на дискусија со граѓаните.
Амбасадорот ја посети и „МИТ груп“, кумановска компанија која што со помош од проектот „ЕУ за економски раст“ придонесува во земјава да се имплементира принципот на циркуларна економија.
– Клучен елемент на Европскиот Зелен Договор е токму транзицијата кон циркуларна економија. Навистина е одлично што гледам дека оваа значајна идеја донесена на ниво на Европската Унија на одреден начин, се имплементира локално, токму тука во Куманово. Тоа потврдува дека постојат можности за финансиска поддршка, додека компаниите се тие што самите треба да го направат исчекорот и да воведат нови методи на работа кои што ќе го намалат притисокот врз природните ресурси. Зелената економија е мотор што го движи напредокот и го поттикнува развојот, не само на ЕУ, туку и на било која земја која што ги применува овие практики – изјави Рокас.
Преку споменатиот проект, имплементиран од канцеларијата на ГИЗ во земјава, беа доделени вкупно 4,19 милиони евра. Средствата ги добија 25 микро, мали и средни претпријатија во североисточниот, полошкиот и југозападниот регион, како и во општина Ресен.
Новите машини, што во „МИТ груп“ се обезбедени преку проектот „ЕУ за економски раст“, ја зголемуваат ефикасноста на производството, намалувајќи ја потрошувачката на електрична енергија и штетните гасови. Дополнително, во Куманово е воспоставена и проширена мрежа на неформални собирачи на отпад кои ќе помогнат за 400 тони годишно да се зголеми количеството рециклиран материјал.
Куманово е дел од серијата посети на општините во земјава на кои Шефот на делегацијата на ЕУ се среќава со локалните власти, претставници на граѓански инцијативи, претприемачи и други членови на локалната заедница и со кои дискутира за важните прашања што ја засегаат конкретната заедница. Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, претходно ги посети Битола и Тетово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа