Ристески: Одлуката на Таравари е негова, но не и на партијата

 


На Телевизија 24 во емисијата „Отворено“ вечерва гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески, кој дискутираше за актуелната тема деновиве, за напуштањето на Владата од страна на министерот за здравство Арбен Таравари.

На самиот почеток пратеникот истакна дека оваа одлука е на Таравари но не и на неговата партија, и нагласи дека Таравари ја променил твојата реторика од моментот кога во јавноста беше актуелна темата за потпишување на договорот за изградба на катна гаража на Клиничкиот центар во Скопје.

„Оваа е одлука на господинот Таравари, не би рекол дека и на неговата партија, не знам дали комплетно сите партиски функционери ќе застанат заедно со господинот Таравари. Забележително беше за мене момент кога господинот Таравари го промени начинот на однесување и наративот кога се појави во јавноста темата за потпишување на договорот за изградба на катна гаража на Клиничкиот центар во Скопје“, објасни Ристески.

Ристески исто така истакна дека Таравари не навел јасни причини за излегувањето од Владата и дека останатите функционери од неговата партија исто така не биле запознаени за причините поради кои се одлучил Таравари на ваков чекор.

„Таравари не наведе некои јасни причини и денеска во разговор со неколку функционери од неговата партија и сами кажаа дека уште не им се јасни и доволно објаснети, внатре во партијата причините поради кои се одлучил Таравари на ваков чекор и не знаат дали ќе го следат сè уште“, рече Ристески.

Пратеникот потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ не толерира никој кој би коалицирал со луѓето кои во изминатите години го осакатиле државниот буџет, кај кои Таравари повторно се враќа во нивните прегратки.

„Ние апсолутно не толерираме никој кој ќе каже дека сака да коалицира со оние кои во изминатите години додека ја практикувале власта го осакатиле државниот буџет, а такви се Артан Груби кои моментално е во бегство, Зоран Заев, Венко Филипче и сите оние за кои сега господинот Таравари влегува во нивна прегратка. Овој пат господинот Таравари се одлучи да се врати во прегратките на оние кои се на црната листа, тука имаме еден врховен судија Беџети, недопирлив градоначалник додека вие бевте власт Рамиз Мерко, директор на едно јавно претпријатие Ејуп Рустеми кој исто така има кривична пријава и ќе одговара за злоупотребите кои ги правел во период додека ја практикувавте власта. Сите оние кои се огрешиле, ВМРО-ДПМНЕ нема дилема ќе одговараат, господинот Таравари не знам зошто од негови причини се одлучи да оди спротивно на своите гласачи од кои патем ја доби и довербата на минатите избори кои апсолутно гласаа против криминалот на ДУИ“, посочи Ристески.

14.05.2025 - 09:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега