Реконструкција на „Мистер Џек“: Герасимовски најави нов изглед на Градски ѕид и ново детско игралиште

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа оствари средба со жителите на просторот кај „Мистер Џек“, во Градски ѕид.
Герасимовски ги информираше граѓаните дека во тек е подготовка на проект што предвидува целосна реконструкција на коловозите, тротоарите и пешачките патеки, регулирање на паркирањето преку воведување обележани паркинг-места и ново сообраќајно решение со пренасочување на движењето. Ќе се работи и на нивелирање на површините и обезбедување подобар пристап за пешаците. Зеленилото ќе остане недопрено, а постојното детско игралиште ќе биде целосно реконструирано и проширено, со нови содржини, реквизити и урбана опрема.
Тој додаде и дека со проектот се планира изградба на ново детско игралиште на делот кој сега е запуштен, под катанец и не е во функција, но нагласи дека за тоа ќе треба да се согласат жителите.
„Наш приоритет е да создадеме уреден и безбеден простор за сите. Со планираните реконструкции и јасно обележани паркинг-места верувам дека ќе воспоставиме ред во населбата", рече Герасимовски.
Тој ги охрабри жителите да останат активни во креирањето на решенија за нивното маало, истакнувајќи дека токму ваквите средби се важни за подготовка на програмата за наредната година.
„Вашата ангажираност е клуч на секој успешен проект. Предлозите и идеите што ги давате ќе бидат земени предвид, токму затоа сме тука со вас“ им порача градоначалникот на центарци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа