Продал еден килограм чист кокаин за 50.000 евра во Велес - Спроведена истражна постапка против едно лице
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 53-годишник, на 29 ноември 2024 година, неовластено продал 994,8 грама кокаин на лице од Велес. Дрогата се договориле да му ја продаде за 50.000 евра, од кои околу половина од сумата купувачот-сведок оставил на договорена локација пред преземањето на пратката.
Кокаинот тогаш беше откриен при истрага и претрес во куќа на улицата “Петар Алчев” во Велес, каде се утврди дека еден осомничен преработувал наркотична дрога кокаин и тоа од чист кокаин во крек кокаин, а уште две лица во тоа му помагале. Против тие осомничени веќе е изречена првостепена осудителна пресуда, а со дополнителни дејствија се утврди идентитетот и на лицето кое првично ја продало дрогата.
По предлог на јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Велес донесе решение со кое на осомничениот му определи мерка притвор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа