Притвор за скопјанец кој поседувал полуавтоматски пиштол и 51 куршум
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело- Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Врз основа на судска наредба обезбедена од јавниот обвинител, полициски службеници вчера извршија претрес во домот на осомничениот 23-годишник во Скопје. При претресот беше пронајден еден полуавтоматски пиштол и вкупно 51 куршум со калибар 9ммPara, како и рамки и други додатоци за оружјето кое го поседувал без дозвола.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје утрово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото доколку се брани од слобода.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа