Пресуда на 25 јуни за убиствата на Вања и Панче

 

Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни ќе ја изрече конечната пресуда во случајот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На денешната јавна расправа, обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ги дадоа завршните зборови, со различни тврдења и обвинувања едни против други.

Првообвинетиот Љупчо Палевски, кој од почетокот тврди дека е невин и дека процесот е политички монтиран, денеска за првпат директно ги посочи Велибор Манев како организатор, Боре Видевски како извршител и Влатко Кешишев како стражар во двата случаи на киднапирање и убиство. Тој обвини дека Обвинителството работи по политички насоки и дека нема ниту еден доказ за негово директно учество.

Боре Видевски одби да даде завршен збор, оставајќи го својот адвокат да инсистира на ослободителна пресуда, тврдејќи дека признанијата се изнудени, а истрагата водена во погрешен правец.

 

Влатко Кешишев изрази каење што воопшто бил со другите обвинети, велејќи дека тие сè испланирале и извршиле, додека нему му било кажано да молчи.

Од друга страна, Велибор Манев тврдеше дека не знаел за планираното убиство и дека зачувал снимки од безбедносни камери за да докаже дека Палевски имал таен план. Манев посочи и лице кое, по налог на Палевски, го отстранило ранецот со доказен материјал – мотороли и пиштол. Тој тврди дека ранецот се наоѓа кај член на партијата Десна, вработен во Народна банка, кој веќе бил уапсен.

Адвокатот на Палевски, Јовица Страшески, побара ослободителна пресуда, со образложение дека Обвинителството не приложило конкретен доказ за вината на неговиот клиент. Тој прикажа нови снимки и службени белешки кои, според него, укажуваат на недоследности во истрагата.

Обвинителството, пак, бара доживотен затвор за четворицата обвинети: Палевски, Манев, Кешишев и Видевски, а за Александар Ѓорчевски, татко на Вања, кој е исто така обвинет, се бара соодветна затворска казна. Во обвинението стои дека групата организирала киднапирање со цел уцена, и дека возилото на Жежовски било одземено за да се изврши грабнувањето на девојчето.

Телата на Вања и Панче беа пронајдени на 3 декември 2023 година, по неколкудневна потрага. Обвинетите од почетокот негираат вина, а јавноста со внимание го следи случајот кој доби огромно медиумско внимание поради бруталноста и трагедијата која ја предизвика.

20.06.2025 - 18:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега