Пратениците со полни раце работа по двонеделната пауза

 

Во македонското Собрание денеска седници ќе одржат комисиите за прашања на изборите и именувањата, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно правната комисија.

На дневен ред на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е Јавна расправа за утврдување на предлог листа од пријавените кандидати по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На огласот се пријавени осум кандидати, кои денеска на јавната расправа треба да се претстават пред пратениците.

Членовите на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе расправаат по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид, во второ читање.

На Законодавно правна комисија пак ќе се разгледува Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид, во второ читање, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка. 

01.04.2025 - 08:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега