Попов: Борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена
Аргументирано можеме да тврдиме дека официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е некаква “вештачка конструкција“, туку претставува логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата јазична територија, истакна претседателот на МАНУ, Живко Попов, по повод одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Според него, дијалектното богатство, вградено во литературата и стандардот, го прави посебен, уникатен, и докажува дека македонскиот јазик има долга историја и особен влог во рамките на групата словенски јазици и светското јазично семејство, а неговата посебност и специфичност предизвикува особен интерес во меѓународната лингвистичка научна средина.
Но борбата за зачувување на македонскиот јазик, како што нагласи Попов, не е завршена.
Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, бидејки неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со превземените обврски со договорите од Преспа со Грција и оној за добрососедство со Бугарија.
Во исто време македонскиот јазик е загрозен и внатре во самата држава, каде не е подеднакво почитуван на целата нејзина територија. Законот за македонскиот јазик за жал е донесен отпосле и сега државните институции треба да вложат многу поголеми усилби за негова правилна примена. Уставниот суд во чиј капацитет веруваме е на потег да воспостави правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на целата територија на државата, согласно општоприфатените меѓународни прописи во светот и ЕУ каде што ние целиме“.
МАНУ, појасни Попов, во соработка со Институтот за македонски јазик, катедрата по македонски јазик при УКИМ и другите универзитети и научни институции продолжува во полна пареа да работи на збогатување и усовршување на македонскиот литературен јазик.
Истакнувајќи неколку цитати на Блаже Конески претседателот на МАНУ нагласи дека зборовите и делата на Конески и денес одекнуваат силно, но исто така и силно ги обврзуваат следните генерации да продолжат да го негуваат, проучуваат и да го афирмираат македонскиот јазик, основен белег на нашиот идентитет и култура, на нашето минато, сегашност и на нашата иднина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа