Песков: Нема ништо ново во заканите на Трамп за санкции кон Русија

 


Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија не гледа ништо ново во заканите на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови санкции кон таа земја доколку не се постигне договор за Украина.

„Не гледаме ништо особено ново овде. За време на неговиот прв мандат, Трамп беше американски претседател кој најчесто прибегнуваше кон методи на санкции“, рече Песков коментирајќи ги заканите на Трамп во врска со санкциите и царините за рускиот извоз во САД доколку не се постигне договор за украинскиот конфликт, пренесе „Интерфакс“.

Тој додаде дека Русија внимателно ги следи сите изјави и евидентира сè што доаѓа од Вашингтон. Тој исто така нагласи дека Русија останува отворена за дијалог со Соединетите Американски Држави и дека се надева оти ќе продолжи со еднаквите преговори.

„Дијалогот постоеше за време на првиот мандат на Трамп меѓу двајцата претседатели. Сè уште чекаме сигнали, кои сè уште не се пристигнати“, рече Песков. Трамп вчера изјави дека украинскиот конфликт може да заврши на полесен или потежок начин. Тој апелира да се постигне договор со Русија за решение на украинската криза и се закани дека ќе воведе царини и санкции за рускиот извоз во САД доколку не се постигне договор.

„Време е да се постигне договор. Нема повеќе време за губење. Ако не постигнеме договор, нема да имам друг избор, освен да воведам високи даноци, тарифи, санкции за сè што Русија им продава на САД и на другите инволвирани земји“, напиша Трамп на Truth Social.

Тој нагласи дека не сака да ѝ наштети на Русија и дека има добри односи со рускиот народ и со претседателот Владимир Путин. Пратеникот на државната Дума од Крим, резервниот генерал-мајор Леонид Ивлев, изјави дека Трамп избрал погрешна стратегија во обидот да разговара со Русија користејќи ултиматум.

Ивлев оцени дека овие закани се празни муабети и дека на Русија не ѝ требаат ултиматуми и закани.

„Трамп се обидува да имитира отвореност и искреност, но неговата тактика за закана е погрешна. Ако реши да разговара со Русија користејќи ултиматум, тој ќе направи грешка и ќе избере стратегија за ќор-сокак“, изјави Ивлев за „РИА новости“.

Тој додаде дека изјавата на Трамп потсетува на ситуацијата во американскиот бејзбол кога играч фрла топка надвор од зоната на удар, што не се брои, истакнувајќи дека таквиот пристап може да доведе до глоба.

Ивлев потсети на претходните изјави на Путин, кој посочи дека целта за решавање на конфликтот во Украина не треба да биде само краткорочно примирје, туку долгорочен мир, пренесува „Танјуг“.

23.01.2025 - 12:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега