Перински во Гази Баба: Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто по скоро 40 години, повторно ќе стане центар на културата
Во рамки на теренските посети на општините насловени „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и градоначалникот, Бобан Стефковски, извршија увид на започнатата реконструкција на Домот на Културата „11 Октомври“, лоциран во паркот во Ченто. Градоначалникот Стефковски информираше дека домот ќе се простира на 1.000 метри квадратни, ќе има три нивоа, ќе биде енергетски ефикасeн и целосно инклузивен со лифт и тоалети за лица со посебни потреби, со капацитет за 180 гледачи.
„Повеќе од четири децении ова место беше најцрната точка во општина Гази Баба во кое се вршеа и девијантни појави, а за помалку од 18 месеци од денес ќе прерасне во центар на културата. Вкупната инвестиција е 84.240.000 денари обезбедени од првиот јавен повик на Владата и изразувам благодарност за финансиската поддршка на инфраструктурни проекти во општините која од историска важност и ќе донесе забрзан развој кој ќе ги реши децениските проблеми на граѓаните“, изјави градоначалникот Стефковски.
Ова е еден од четирите проекти кои ќе се реализираат во општина Гази Баба со средства од државниот буџет, за кој Општината аплицираше на првиот владин јавен повик.
„Повеќе од 40 години, скоро сите политички гарнитури ветуваа реконструкција и инвестиција за подобрување на условите за овој Дом, но, тоа досега, за жал, не се случи. Оваа Влада, преку првиот повик, успеа и овозможи средства за обнова на објектот, кое е култно место за жителите на Гази Баба. Сега, како резултат на нашата посветеност за поддршка на општините, како и посветеноста на градоначалникот Стефковски да ги детектира потребите на граѓаните и да аплицира на повикот, Домот на култура ќе стане центар на креативност и културни настани, место каде што ќе може да се собираат нашите деца, културни друштва и сите љубители на уметноста и културата. Оваа Влада со дела потврдува дека е вистински пријател на општините. Како и досега, така и од сега, ќе продолжиме да инвестира во проекти коишто се врз основа на потребите на граѓаните. Јас се надевам дека за многу кратко време, ова многу битно место за жителите од ова населено место, ќе прерасне во вистински храм на културата и заедно ќе се радуваме на многу убави настани“, изјави министерот Перински.
И премиерот Мицкоски не го криеше задоволството од почетокот на реконструкцијата на Домот на културата и јавно им честиташе на сите оние кои биле вклучени во процесот да ја детектираат потребата од овој проект.
„Продолжуваме и натаму да инвестираме проекти во општините, да поддржуваме капитални инвестиции. Нѐ очекува динамична пролет и реализација не само на проектите од првиот, туку и на оние од вториот јавен повик кои се финансираат со наша поддршка“, потенцираше премиерот.
Серијата посети на министерот за локална самоуправа Перински, продолжуваат и во следните денови, веќе од утре, ќе се реализираат средби со управата на Општина Чаир, како и со локалните жители.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа