Перински: Креираме политика за да ги натераме граѓаните да се вратат дома

 

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во вечерашното гостување во „Клик Плус“ на ТВ21 даде свое видување на повеќе политички теми, зборуваше за актуализираното отворање на изборниот модел, за последните случувања во Град Скопје, а се осврна и на реформскиот процес на Законот за локална самоуправа. Во однос на предложената изменета законска рамка, истакна, убеден е дека со измените ќе биде зголемен капацитетот на директна демократија во рамки на локалните самоуправи.

„Предлог измените на овој системски закон се однесуваат кон негово подобрување, нема реперкусии кон ниту една страна, ниту на политичка, ниту на оперативна основа. Јас искрено се надевам дека одредени политички субјекти ќе ја надминат својата суета и ќе го поддржат ова законско решение, затоа што тоа само го зголемува демократскиот потенцијал на локално ниво“, потенцираше министерот.

Тој информираше дека од 288 проекти одобрени на првиот владин повик, за 273 веќе има склучени договори и се реализираат на терен, поточно 79 веќе се завршени, а за 14 проекти има реобјавени постапки за избор на изведувач. Министерството посветено работи и на рамномерен регионален развој, кој, како што истакна Перински, сам по себе е предизвик за поголеми и поразвиени европски држави од Македонија.

„Средства никогаш не се доволни, заради икс фактори. Она што ние во моментот во Министерството го правиме, одвоивме 116 милиони денари за 47 проекти, но и тие не се доволни. Тоа ни е детерминирано дека во минатото било аномалија. Она на коешто ние сме фокусирани во моментот и го развиваме во рамки на Министерството е како да креираме политика на рамномерен развој, којашто ќе ги натера граѓаните да се вратат во средините од каде што заминале. Суштината на регионалниот развој е тоа, да имате што е можно помала разлика во развиените и неразвиените општини“, рече министерот во вечерашното гостување на ТВ21.

05.06.2025 - 22:31

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега