Падна цената на свинското месо
Во изминатите два месеца, одгледувачите на свињи трипати ја намалиле цената на свинското месо жива мера, која во моментов изнесува 110 денари, а со ДДВ достигнува до 118 денари. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Сарафимов, за оваа ситуација објаснува дека одлуката за намалување на цената доаѓа од поголемите производители на свинско месо, кои, како што вели, се договориле да ја прилагодат цената.
Причините за ова намалување на цената, според Сарафимов, вклучуваат и намалената потрошувачка поради Велигденските пости, но и забраната за увоз на свинско месо. Тој истакнува дека и покрај намалената цена, ситуацијата за одгледувачите на свињи не е трагична, бидејќи цената од 118 денари е моментално одржлива, но сепак, ако трендот продолжи, тоа ќе има негативен ефект врз фармите што произведуваат свинско месо.
„Сега имаме забрана за увоз на свинско месо, опадната е и куповната моќ. Таа цена од 118 денари во моментов е прилично добра, бидејќи одгледувачите на свињи не се со големи загуби, но ако ова продолжи, не ќе биде добро за фармите,“ вели Сарафимов.
Тој додава дека, по африканската чума, сите свињарски фарми во земјава се обновени и дека има и новоизградени фарми. Поради забраната за увоз на свинско месо поради болести како што се лигавката и шапот, производителите на свињи сега се фокусирани на преработка на месото во домашни капацитети, што ја стабилизира цената.
„Сега имаме малку добра работа со преработувачите бидејќи увозот на свинско месо е забранет. Ова ја стабилизира ситуацијата бидејќи свињарските фарми испорачуваат свињи за преработка и тоа помага во балансот на цената,“ додава Сарафимов.
Тој истакнува дека бројот на свињи во земјата не е намален, а може да се каже и дека во овој момент се зголемува.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа