Отишла да продолжи возачка - дознала дека е мртва
Американката Никол Паулино открила дека е регистрирана како почината, што се одразило на квалитетот на нејзиниот живот. Паулино е од Гајтерсбург, Мериленд, а грешката ја открила додека се обидувала да ја обнови возачката дозвола, пренесува „Скај њуз“. Таа се чувствувала исплашена и изненадена кога системот за управување со моторни возила и покажал порака дека е официјално мртва.
„Изгледа дека умрев. Нема да лажам, бев малку исплашена и изненадена, со оглед на тоа дека сум жива. Тука сум”, рекла таа. Официјалните лица потоа ја известиле Никол Паулино дека не може да ја обнови возачката дозвола, по што добила писмо од Службата за внатрешни приходи на САД (IRS), во кое ја опишуваат како почината даночна обврзничка. Здравственото осигурување за неа и за нејзините три деца било откажано, што довело до зголемување на медицинските сметки и спреченост да го набави инхалаторот што ѝ бил потребен за лекување на астмата.
„Ова сериозно ми го наруши животот. Имаше огромно влијание врз мене и моето ментално здравје“, додаде таа. Потоа добила повик од службеник на Управата за социјално осигурување, кој и рекол дека грешката се должи на печатна грешка.
Имено, погребалното се обидело да пријави смрт на друго лице, но згрешило при пишувањето на една цифра од матичен број. По грешка го внеле бројот на Никол Паулино.
Администрацијата изјави дека нивните податоци инаку се многу точни и дека помалку од 0,33% од повеќе од три милиони извештаи за смрт што ги добиваат годишно подоцна морале да се коригираат. Ова сепак значи дека околу 10.000 извештаи годишно се неточни.
„Овие работи се случуваат речиси секој ден и можат да имаат страшни последици за нечиј кредитен рејтинг“, изјави адвокатот Џозеф МекКлеланд.
Паулино изјавила дека во меѓувреме добила писмо од социјалните служби во кое пишувало дека грешката е исправена. Официјално повторно беше прогласена за жива.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа