Опасна рачна бомба пронајдена во с. Длабочица, кривопаланечко
Денеска (29.05.2025 година) околу 12.00 часот е пронајдено неексплодирано убојно средство (НУС) во месноста Маала Лубарци кај с.Длабочица, Општина Крива Паланка. Конкретно, пронајдена е одбранбена рачна бомба, германско производство, од Втората светска војна и претставува сериозна опасност по животот на луѓето ако се активира и експлодира, а секако е опасна и за материјалните добра околу неа, во околината, соопшти ДЗС.
„За нејзино безбедно отстранување е ангажиран искусниот пиротехничар на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорѓи Стефанов, од Битола, којшто со помош на негов колега прво врши испитување да не се случи самоактивирање на неексплодираното опасно експлозивно средство. Потоа, одбранбената рачна бомба е безбедно подигната од локацијата на пронаоѓање и пренесена на безбедно место, од каде што потоа таквите НУС се носат во оптимално време, според термини и можности на уништување“, стои во соопштението од ДЗС.
ДЗС апелира да се следат препораките, што и медиумите ги објавуваат, при вакви случаи, поточно да не се фаќаат и да не се поместуваат работите коишто ќе се пројадат во природата или во населени места и личат на неексплодирани убојни средства, туку едноставно да се пријави нивната локација веднаш на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) по што согласно оперативните стандардни процедури безбедно се отстранува опасноста од нив од ДЗС во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и други институции или служби согласно потребите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа