Охрид домаќин на работилница: Обвинители и полиција ги разбиваат меѓународните мрежи за дрога
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и повеќе јавни обвинители денеска во Охрид учествуваат на работилницата “Разбивање на меѓународни криминални организации и мрежи за трговија со дрога”, во организација на Амбасадата на САД и програмите на американскиот Стејт департмент и на Департментот за правда.
“Организираниот криминал предизвикува нестабилност и ја поткопува довербата во државата и во сите нејзини структури. Затоа спречувањето на активностите на организираните криминални групи не е предизвик само за истражните органи, туку и за општеството и за сите институции во целина. Отпорноста кон овој вид сложен криминал бара цврсти релации на меѓународна соработка, ефикасни кривични постапки, но и цврсти законодавни и антикорупциски политики. Без сите овие алки борбата ќе биде залудна”, рече јавниот обвинител Коцевски во почетното обраќање.
Тој се осврна на важноста на истражните центри во јавните обвинителства, на посебните истражни мерки и на искористувањето на новите механизми за меѓународна соработка и канали за размена на информации во постапките за разоткривање на овие криминални мрежи.
“Би сакал да ве известам дека донесов одлука и во постапка е веќе регрутирање на истражители за два нови истражни центри кои ќе функционираат во обвинителствата во Битола и во Штип. Покрај оние во Скопје, Тетово, Куманово и во ОЈОГОКК, двата нови истражни центри значително ќе ја зајакнат обвинителската структура и ефикасноста на постапките”, рече Коцевски кој се заблагодари за поддршката од САД за опремување на истражните центри.
На состанокот покрај јавните обвинители, учествуваат и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, претставници на Министерството за внатрешни работи и судии од неколку судови.
На дводневната работилница ќе се дискутира за прегледот на организираниот криминал во државава, предизвиците и заканите во активностите за негово сузбивање, американските најдобри практики во борбата против мрежите за трговија со наркотици. Воедно, ќе бидат разгледани конкретни предмети, неопходните реформи и следните чекори за зголемена ефикасност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа