НП Шар Планина постави дрвени препреки за да се спречи уништување на природата со мотоциклите

 


Националниот парк Шар Планина информира дека викендов се поставени дрвени препреки со цел да се спречи уништување на природата со мотоциклите на четири тркала. Оваа активност следува откако минатата недела НП Шар Планина сподели видео од тоа како такви мотоцикли ја уништуваaт тревата и земјината површина на една ливада.

- За оштетувањето на почвата со моторни возила кое се случи минатиот викенд во Национален парк Шар Планина, во изминатите неколку денови преземавме низа мерки. Со малку планирање и малку труд но голема желба, вчера поставивме дрвени препреки за да се спречи понатамошно оштетување на локалитетот кај боровите стебла над селото Бозовце. Голема благодарност за иницијативата до Пиктрип до локалното население и до сите учесници кои помогнаа во оваа иницијатива, соопшти денес ЈП НП Шар Планина.

Од таму велат дека покрај оваа активност викендов, за луѓето кои предизвикале деградација на почвата се преземени и прекршочни мерки.

- Користењето на моторни возила во природа во последните години е тренд. Потсетуваме дека Шар Планина е прогласена за Национален парк токму поради вредностите кои секој од нас има обврска да ги чува. За нас и идните генерации. Почитувајте ги правилата за движење на моторни возила и реализирајте ги вашите активности водејќи сметка за локалното население, дивите животни и другите посетители кои исто така дошле да уживаат во прекрасната Шар Планина, се вели во денешното соопштение на Националниот Парк.

Воедно од Паркот, информираат дека по повод Денот на планетата Земја – 22 Април, Јавната установа има спроведено пошумување на 500 садници од јавор, со поддршка и донација од граѓанското здружение Традита.

28.04.2025 - 16:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега