Нови детали за престрелката во Чаир: Еден од шестчлената група пукал - други двајца ги криеле пиштолите

 

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест лица поради учество во дејствија на кривични дела убиство и обид за убиство при престрелката која се случи ноќта меѓу 10 и 11 февруари во скопската општина Чаир.

Постапка е поведена и за уште две лица за дејствија на помагање по извршување на кривичното дело, затоа што по настанот сокриле два пиштоли, помагајќи на дел од осомничените да не бидат откриени.

На критичниот ден, на паркинг на улицата „ Втора Македонска Бригада“, по претходна вербална расправија поради сообраќајно недоразбирање кај поликлиника Чаир, започнала вооружена престрелка меѓу две групи, при што првоосомничениот 28-годишник, со употреба на огнено оружје, со умисла го лишил од живот оштетениот Хебиб Буњаку и го довел во опасност животот на уште едно лице. Уште петмина осомничени исто така директно учествувале во престрелката,  возвраќајки со дејствија на помагање и соизвршителство во убиство и обид за убиство. Последните двајца осомничени, по престрелката сокриле два од пиштолите користени во оружениот инцидент.

Надлежниот јавен обвинител предложи мерка притвор за двајца осомничени за дејствија на убиство и обид за убиство, како и мерка куќен притвор за уште еден од осомничените. Притвор е предложен и за двајцата осомничени за кривично дело – Помагање на сторител по извршено кривично дело.

По три лица полицијата се уште трага. Се преземаат и натаму дејствија за целосно расчистување на настанот.

15.02.2025 - 13:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега