Република: Кој ги предводи СДСМ, ЛДП и НСДП?
За да биде чиста работата за тоа каде би требало да оди опозицијата и врз која идеолошка платформа, прво треба да се расчистат недоумиците кој ја води опозицијата? Односно, кои се лидерите на коалицијата што дејствува единствено чекорејќи по теркот на СДСМ?, пишува Република.
За време на подготовките на конгресот на СДСМ едно интервју со почесниот претседател Бранко Црвенковски го разниша и така напукнатиот брод, па беше неопходно Зоран Заев да замине на средба кај Црвенковски во обид да ги консолидира партиските редови. Тоа покажува на колку тенки стаклени нозе стои опозицијата. Кој е, всушност, лидерот? Црвенковски? Заев? Шекеринска? Таканаречените нивни „крила“?
За апсурдноста да биде поголема, во таа борба и безидејност се влезени и две помали партии – сателити на СДСМ. НСДП и ЛДП, место да го заземат приматот што СДСМ непромислено им го остава на тацна, се обидуваат со другарска поддршка да му помогнат на големиот брат. Така, двете партии останаа без посебен идентитет. И доколку НСДП е „крило“ на СДСМ, губењето на идентитет најмногу се отсликува во дејствувањето на ЛДП.
Дел од членовите во СДСМ посочуваат на Тито Петковски и неговите нови социјалдемократи како на главни виновници за поразот на СДСМ во 1996 година. Тогаш Петковски од митинзите порачуваше дека „ниту кожени гаќи нема да го спасат Црвенковски“. Кога сите очекуваа од таму да дојде нова платформа и преиспитување на идеологијата, Петковски се залепи за СДСМ поддржувајќи ги во актуелната безидејност.
Во ЛДП состојбата не е појасна. Откако партијата со поткрепа на СДСМ доби градоначалничко место во општина Центар, многумина дискутираат за тоа кој е вистинскиот лидер-градоначалник – Андреј Жерновски или Ристо Пенов?
ЛДП по реакцијата на Роза Топузова-Каревска излезе со став дека таа нема да биде исклучена од партијата. Сепак, останува нејасно кого ќе претставува Топузова-Каревска – политичка партија што не ги признава изборните резултати и собранискиот состав?
- Ваквата одлука на ЛДП значи дека постои капацитет за внатрепартиско демократско дејствување, но и дисонантност кон надвор – кусо анализира Даскаловски.
Сѐ на сѐ, опозицијата нема сила, ниту волја за промена. Своите недостатоци, како и во периодот на владеење, ги затскрива зад „големите идеи“. Само сега, по една деценија во сенка, најголемата идеја е освојување избори. На кое било ниво. Ослепени од одмаздољубивост кон ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата не внимава ниту на идеологија, ниту на програма, ниту на пораките кон членството или гласачите. Ниту на последиците што може да ги предизвика. Пловејќи слепо кон својот Моби Дик, се чини, СДСМ ќе се удави како Ахаб барајќи одмазда за трајното осакатување. Та дури и врвот на „харпунот да се натопи во крв“.
Целиот текст можете да го прочитате во најновот број на неделникот Република (91. број), што од денеска, 30.05.2014 е во продажба)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа