ВМРО-ДПМНЕ: Расте скандалот - партнерот на Заев си ќарил 11 тендери и 1 милион и 600 илјади евра
ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција истакнаа дека Зоран Заев на семејната фирма на својот личен пријател и бизнис партнер на фамилијата Заеви, Горан Крстев, и обезбедил јавни набавки во вкупна вредност од над 1 милион и 600 илјади евра. Сите овие пари и биле доделени на фирмата Јавор Шпед Дооел преку 11 тендери, во време кога и Горан Крстев и таткото Симеон Крстев биле сопственици на оваа фирма.
- Горан Крстев е бизнис партнер со Вице Заев и семејството Заеви преку фирмата Сара Јавор Инженеринг, а на јавноста и е познат како еден осомничените, а потоа и аболициран за аферата Глобал, тешка 8 милиони евра. Дека и до ден денес Горан Крстев е бизнис соработник на Заеви, говори и последниот скандал за недозволената продажба на градежно земјиште по само 1 евро за метар квадратен, за кое што деновиве пишуваат и медиумите. Општина Струмица и општинските институции на фирмата Јавор Шпед Дооел и доделиле 11 јавни набавки со вкупна вредност од 101.354.456 денари. Од нив, 8 се склучени директно со Општина Струмица со која раководи токму Зоран Заев со вредност од 83.322.641 денари, додека пак останатите 3 се склучени со Јавното претпријатие Комуналец Струмица во вредност од 18.031.815 денари, велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека Зоран Заев наместо да ја одбегнува јавноста цел еден месец, тој треба да излезе и да одговори зошто речиси секоја поголема јавна набавка во Општина Струмица ја добивале фирми од кланот Заеви и нивните бизнис ортаци, со што се стекнале со приход од неколку милиони евра.
- По којзнае кој пат, го повикуваме Зоран Заев конечно да излезе пред македонската јавност и да даде одговори за најголемиот тендерски скандал во политичката историја на Македонија.Очигледно, ова е добро осмислениот тендерски систем за лично и семејно богатање кој функционира во Струмица со години наназад. Ова е системот преку кој се испумпуваат огромни суми на пари, пари на граѓаните на Општина Струмица, велат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа