ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави одлуката за зголемување на минималната плата
ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката на Владата за зголемување на минималната плата која од сегашните 8.050 ќе изнесува 10.080 денари.
Пратеничката Светлана Јакимовска на прес-конференција потсети дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ била првата која во 2012 година го донела Законот за минимална плата со кој за првпат во државата е утврдена најниската висина на платата.
- Со оваа одлука директно ќе се влијае врз стандардот на граѓаните, а со тоа и минималната плата ќе продолжи да го следи и растот на просечната плата. Зголемувањето на минималната плата повеќе од сигурно ќе помогне во решавањето на многу проблеми со кои се соочуваат работниците и ќе реши многу егзистенционални прашања. Преку оваа мерка Владата на Република Македонија покажа дека секогаш е тука за да ги решава проблемите на граѓаните, рече Јакимовска.
Таа најави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржат измените на Законот за минимална плата, но изрази жалење што опозицијата не ја поддржала оваа владина одлука.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа