Талевски: Власта води квази политика за Кочани, бара амнестија за одговорните

Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Миле Талевски на денешната амандманска расправа за ребалансот на Буџетот, истакна дека наместо реална помош за семејствата на жртвите во трагедијата во Кочани, власта води квази политика врз грбот на овие луѓе.
„Ситуацијата со ВМРО е комплетно забегана и нема допирна точка со реалноста. Жртвите и повредените секојдневно бараат помош од сите нас, и треба да им се излезе во пресрет. Наместо тоа, се води квази политика врз грбот на овие нови луѓе, и слушаме некакви објаснувања дека Собранието нема надлежност и не треба да биде вклучено во овој процес. Заменик-министерот дури ни кажува дека не треба да има политика во ова прашање. Кој води политика? Власта, која бара начин како да се извади од оваа цела ситуација“, рече Талевски.
При тоа, Талевски посочи дека постојано од почетокот на истрагата до сега , владата бара начин како да се амнестираат оние кои директно се одговорни за последиците од случувањата во Кочани.
„Самите тие полицајци, кои имале обврска дента да постават оперативен план по Законот за јавни собири и да постапат, не постапиле. По голем број реакции, имаме само обиди за заштита на одговорните“,рече Талевски.
Тој потенцираше дека јавноста заслужува транспарентност и решавање на овие проблеми:
„Очекуваме јасни одговори, решенија и поддршка за повредените и нивните семејства, како и за сите граѓани кои се соочуваат со сериозни проблеми. Ние, како пратеници, имаме обврска да ги слушнеме и поддржиме овие луѓе преку законски решенија и амандмани. Предлогот за ребаланс на Буџетот е чекор во таа насока, но, за жал, нема слух за тоа. Секој ден родителите бараат да им се помогне. Ние предлагаме начини како полесно да се справат семејствата на жртвите и овие 200 повредени. Затоа, свестете се малку. Потребна е сериозна и одговорна политичка волја, не кампања. Граѓаните очекуваат решенија и помош, а не празни зборови – рече Талевски.
07.07.2025 - 15:45
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа