Николоски: Договорот со Велика Британија има повисока цел, добиваме голем светски сојузник
Историска шанса за Македонија е Договорот со Велика Британија бидејќи се поставуваат нови односи меѓу двете земји, а Македонија добива голем сојузник за да ги оствари своите битки, истакна вицепремиерот Александар Николоски во емисијата “Само Интервју” на Канал 5.
Објаснувајќи ја суштината на Договорот со Велика Британија, тој потенцира дека Договорот има повисока цел, а тоа е политичката подршка од Велика Британија со која ќе се трансформира македонското општество на повисоко ниво. Паралелно овој процес како што истакна вицепремиерот Николоски ќе биде подржан и од реализација на многубројни капитални проекти.
“ Да се согласи Велика Британија да ја обучува нашата јавна администрација, да се согласи Велика Британија да менува научни пронајдоци со нашите научници и нашите универзитети или со еден збор да се согласи да ја трансформира Македонија, пред се како општество, мислам дека е голема работа и суштината на овој Договор Влада со Влада е трансформација на Македонија што ќе ја донесе на повискоко ниво. Секако тоа мора да биде проследено и со проекти, но суштината на Договорот Влада со Влада е користење на најдобрите пракси, најдобрите умови од Велика Британија и најдобрите практики за Македонија да оди чекор напрад. И ова ќе биде следено со уште еден Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија кој треба да ги постави темелите на целокупната политичка и економска соработка и истиот ќе биде потпишан некаде во октомври во Лондон меѓу двајцата премиери”- истакна вицепремиерот Николоски.
Симболиката на оваа огромна подршка се гледа и во фактот што Велика Британија за прв пат потпишува ваков сет на договори со земја од Југоисточна Европа, рече вицепремиерот Николоски.
“ Велика Британија е трговски партнер број 2 на Македонија. Ние со оваа големина на држава, со овој перформанс на економијата и број на население не можеме да ги водиме големите битки на меѓународната сцена. Поставувањето на ваков тип на односи со Велика Британија е шанса за Македонија”, потенцира вицепремиерот Николоски.
Во однос на транспаретноста, тој објасни дека целиот процес е транспарентен од самиот почеток и тоа дека Договорот е веднаш испратен на ратификација во Собранието.
19.06.2025 - 20:48
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа