Муслиманите се подготвуваат за Курбан Бајрам: Продадени 2 илјади грла овни и овци
Во пресрет на одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан Бајрам, во Дебарско, во тек е продажба на овни и овци кои се принесуваат како курбан за овој празник, кој годинава се паѓа во петок, на 6 јуни.
Според Скендер Аме, еден од најпознатите сточари и поранешен претседател на здружението на сточари „Даши“, во кое членуваат сточари од општините Дебар и Центар Жупа, годинава за продажба се околу 2500 грла овни и овци.
-Во тек е продажбата, но, можам да кажам дека и понудата и интересот е помал од минатиот празник. Годинава за продажба имаме околу две и пол илјади грла, а едно грло го продаваме од 130 до 250 евра, што зависи од возраста на добитокот и тежината. До денеска претпладнево имаме продадено околу две илјади, додава Аме за МИА.
Освен дебрани купувачи се и жителите од долнореканските села, општина Маврово и Ростуше, како и помал број од општина Центар Жупа, бидејќи и таму има пазар.
Курбанот, според верниците, се коле првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства.
Овој празник, кој се одбележува четири дена, се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина, во Саудиска Арабија, се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот.
Од земјава на аџилак се 2.020 верници, од нив 84 од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
Како што информираше дебарското муфтиство на официјалната Фејсбук страна, аџиите од овој крај се во добра состојба и редовно ги обавуваат сите верски обреди.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа