Тримчевска: Наставниците мора постојано да се надградуваат за да бидат релевантни

 


Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска во своето вчерашно гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува - УЖ“, говореше на тема „Професионалниот развој - услов за квалитетно образование“, истакнувајќи ја важноста на постојаното стручно усовршување на наставниот и стручниот кадар во основното и средното образование.

Тримчевска нагласи дека Бирото е национална институција што го координира, промовира и го овозможува професионалниот развој преку мрежа на советници и експерти, развој и акредитација на програми, објавување јавни повици и организирање на директни обуки, менторства, прирачници и стручни материјали.

„Во време на брзи општествени, технолошки, педагошки сегменти и промени, наставникот мора постојано да се надградува за да остане релевантен, да остане компетентен и мотивиран, и не само мотивиран туку и да ги мотивира и останатите околу него“, изјави Тримчевска.

Таа додаде дека Бирото посебно се фокусира на практично ориентирани обуки, интегрирање на дигитални компетенции, инклузивна пракса и унапредување на наставната методологија. Таа истакна дека во соработка со национални и меѓународни партнери, институцијата работи на развој на современи и иновативни модели на стручно усовршување.

„Доживотното учење е признат принцип во сите современи образовни политики. Тоа значи дека учењето не престанува со стекнување на диплома, или со стекнување на одреден сертификат, туку трае во текот на целата професионална кариера. И само на тој начин може да се обезбеди постојано унапредување на квалитетот на наставата, подобрување на ученичките резултати и професионално задоволство на наставниците“, подвлече Тримчевска и додаде:

„Професионалниот развој е инвестиција не само за наставниците и стручните соработници туку е и иднина на учениците и општеството“, заклучи Тримчевска, потенцирајќи дека доживотното учење е столб на современото образование.

20.05.2025 - 09:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега