Таравари: Алијанса не е ниту такси превоз ниту чамец за спасување
Министерот за здравство, Арбен Таравари, кој денеска треба да оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски на која ќе ја донесе својата одлука дали ќе соработува со ДУИ или ќе остане во Владата, се огласи на социјалната мрежа Фејсбук и напиша дека Алијанса на Албанците не презема никакви потези за задоволство или гнев на никого.
- „Изјавуваме дека ја гледаме судбината на овој народ посериозно отколку само конкретни имиња и дека сме ослободени од нивните комплекси, кои се трансформирале во Едипов комплекс. Ние не правиме никакви потези за ничие задоволство или лутина! Дури и оние што даваат пророштва во наше име, како Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи отколку со „предвидување на иднината. Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги одземаат клучевите, ниту чамец за спасување за имиња и презимиња. Ние сме Алијансата за Албанците, работиме само во интерес на народот", напиша Таравари на Фејсбук.
Пред средбата, премиерот Мицкоски напомена дека за него е непрофатливо Таравари да соработува со ДУИ.
- На средбата јасно сакам да слушнам став дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини, да не ги шпекулирам имињата, каде што тој ќе извади кандидати, ДУИ нема да има свои кандидати за градоначалници што прво значи себепонижување, како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене како претседател на Владата е неприфатливо, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев.
Тој и Таравари, дополни, како колеги во Владата имаат секојдневна комуникација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа