Цел живот работам земјоделство: Стеванче Јорданоски е нов претседател на Националната федерација на фармери

 

Стеванче Јорданоски е избран за нов претседател на Националната федерација на фармери на денешната конститутивна седница на новиот Управен одбор на НФФ и изборната седница на Генералното собрание на здружението, која се одржала на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. 

НФФ соопшти дека Јорданоски е долгогодишен член на организацијата и земјоделец од прилепското село Мажучиште, кој се занимава со производство на пченица, тутун, градинарски култури и одгледување на крави, а целото негово семејство егзистира од земјоделство.

- Цел живот работам земјоделство. Ние земјоделците се соочуваме со многу предизвици, како климатски промени, пласман и продаажба на земјоделските производи. Во мојот мандат, заедно со членови на Управниот одбор и Извршната канцеларија на организацијата , ќе се залагам за решавање на овие предизвици и создавање подобри пазарни можности за малите зземјоделци, поголемо вклучување на младите фармери во креирањето на земјоделски политики, како и поголеми поддршки за развој на земјоделските стопанства, истакнал Јорданоски по неговиот избор за претседател на Националната федерација на фармери.

На седница на Генералното собрание на НФФ, за нов претседавач на Собранието е избран Иван Марковски, млад земјоделец и агроекономист кој активно работи на развојот на семејниот бизнис во живинарството. За помошни претседавачи се избрани Каранфилка Тодоровска, пчеларка и огледувачка на смокви, и Милена Ангелова, производителка на пиперка „куртовска капија“ и традиционален ајвар.

Во работниот дел на Собранието, делегатите ги усвоиле Буџетот и програмата за работа на организацијата за 2025 година, како и Наративниот и финансискиот извештај за 2024 година. На Генералното собрание е избран новиот Управен одбор на НФФ во состав: Стеванче Јорданоски - претседател, Иван Вангелов, Ванчо Кировски, Вангелина Пармачка, Васка Мојсовска, Мемет Синани, Зорица Димова и Пере Транталовски.

Свечениот дел од Собранието започнал со едноминутно молчење во знак на почит за трагично загинатите лица во несреќата која се случи пред 40 дена во Кочани. 

НФФ соопшти во рамки на свечениот дел биле презентирани активностите и резултатите на НФФ за 2024 година и доделени благодарници за долгогодишна успешна соработка на Васка Мојсовска, која ја заврши функцијата претседател на НФФ по истекот на нејзиниот мандат. Мојсовска истакнала дека за неа функцијата претседател била огромен предизвик, но, и огромна чест затоа што првпат на оваа раководна функција беше избрана жена земјоделка односно рурална жена

25.04.2025 - 20:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега