Перински во Студеничани: Инвестираме и во руралните средини
Во скопската општина Студеничани денеска започна реконструкцијата на 6,5 км долгиот локален пат Драчево – Мотел Китка, проект финансиран од првиот владин повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти. На официјалниот почеток на градежните активности присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими и Калтрина Зеколи Шаќири, заменик министер за транспорт.
Градоначалникот Азем Садики, појасни дека станува збор за пат долг 6,42 км, кој се протега од селото Црвена Вода до мотел Китка, а проектот предвидува негова целосна реконструкција и обнова со неопходната инфраструктура.
„Многу сум среќен што Владата продолжува да ги помага општините, особено руралните. Овој пат е многу битен за нашата општина, затоа што не само што ќе придонесе за побрз, полесен и побезбеден транспорт за жителите во планинските села, туку ќе создаде услови за поттикнување и развој на туризмот и за инвестирање во скопската околина со оглед на близината и убавината на Китка“, истакна Садики.
Министерот Перински порача дека проектот е доказ за посветеноста на Владата да инвестира во подобрување на инфраструктурата во сите општини и региони.
„За оваа Влада не постојат заборавени општини, помагаме онаму каде што е најпотребно, а тоа се руралните средини со сите предизвици коишто ги имаат во дел на капиталните инвестиции. Радоста на мештаните којашто ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија“, истакна Перински, кој како дел од теренските посети „Каде што срцето е дома“, претходно со неговиот заменик, Селими, одржаа работна средба со градоначалникот, членовите на општинскиот Совет и претставници на администрацијата на која разговараа за актуелните состојби во општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа