Стојаноски: Расчистување со мочуриштето во судството, народот даде поддршка
Многу суштинска тема којашто уште некој период пред изборите беше најавувана, транспарентно прикажана пред граѓаните во предизборна Програма којашто доби поддршка од над 600 илјади гласови на изборите во коишто суштината е само една и единствена цел, да се расчисти со мочуриштето коешто го има окупирано македонското судство, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во текот на денешната парламентарната расправа по поднесените интерпелации за петте члена на Судскиот совет.
Според него ова е начин на којшто правосудниот систем конечно ќе биде ослободен од долгогодишните, поточно децениски стеги во којшто е западнат.
„Координиран настап, настап во којшто провејуваа многу навреди, настап во којшто немаше никаква аргументација и настап во којшто имаше за цел да направи една димна завеса за да на крајот од денот впечатокот биде дека некој сака да прави упад во уставниот поредок, некој сака да го политизира судството и обвинителството“, јасно посочува Стојаноски зборувајќи за обидите на СДС да го прикажат сето ова како упад во уставниот поредок.
Тој појаснува дека во текот на вчерашниот ден професорка од Правниот факултет, токму од редовите на СДС, со својот исказ направи обид да прикаже на јавноста дека некој сака да прави упад во уставниот поредок.
„Да се вратиме на почеток, кој го зборува тоа. Дојде Весна Дамева, даде свој исказ и избега од салата, а другите коишто чекаат да почне седницата на Судскиот совет, небаре во овој ден денеска и во овој момент ќе одлучуваат за нешто коешто значително ќе ги промени нештата, даваат изјави од безбедна далечина дека ова е неуставно, дека тие нема да присуствуваат, дека ова е упад и така натаму“, констатира Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски во овој контекст го истакна и она што нему му го задржало вниманието, а тоа е излегувањето на координаторот на СДС, додека беа присутни сите од нивната пратеничка група, при тоа искористувајќи односно повторувајќи ги токму истите зборови.
„Почитуваната Дамева и другите имаат напишано дека неусвоениот извештај не може да биде земен како платформа бидејќи бил само статистика. Сега замислите, таа статистика шест години е иста, но во суштината на тој извештај не е дека таму некој треба да напише бројки, туку дека треба нивната уставна обврска да ја образложат пред пратениците“, прецизен е Стојаноски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа